Завршува јубилејното 15. издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ со програмата „Нови автори“, на која беа прикажани три кратки документарни филмови, реализирани во рамките на школата за документарен филм „Докуникулци“.
Во објектот „Куршумли-ан“ беше прикажан краткиот филм „Како болно жолта“ на косовската авторка Норика Сефа, а во истиот блок е и долгометражниот документарен филм „Холивудгејт“ (Германија, САД / 2023 / 91 мин.). Кога САД се повлекоа од својата 20-годишна „бесконечна војна“ во Авганистан, талибанците одново презедоа контрола над опустошената земја и веднаш најдоа американска база полна со оружје – само дел од повеќе од седум милијарди американски долари во наоружување, кои сѐ уште се во земјата. Режисерот Ибрахим Наш’ат поминува една година во Авганистан, следејќи ги талибанците додека тие ги присвојуваат тајните резерви на оружје што Американците ги оставиле и се преобразуваат од една фундаменталистичка паравоена група во тешко оружен воен режим. Режијата на „Холивудгејт“ е на Ибрахим Наш’ат, сценаристи се Ибрахим Наш’ат, Талал Дерки и Шане Борис, а монтажата е на Атанас Георгиев и Марион Тур.
На програмата беше и филмот „Кој ќе затропа на мојата врата“ (Србија, Босна и Херцеговина / 2024 / 84 мин.) на Маја Новаковиќ. Во срцето на Босна и Херцеговина, Емин, кој е на залезот од својот живот, макотрпно работи со својот верен коњ. Среде големи студови и сурови услови бара утеха и топлина во прегратката на природата и наоѓа краткотраен спокој во споделувањето на своето бреме со својот единствен пријател. Приказна за човекот и тагата како универзално човечко искуство, кое може да нè осамува, но и да нè поврзува. На платото пред Музејот на Македонија на програмата беа краткиот филм „Помпеја“ (Шпанија / 2023 / 10 мин.) на Марија Кастан де Мигуел и долгометражниот „Да славиме довека“ (Словенија, Италија, Полска, Србија, Австрија / 2024 / 87 мин.) на Маја Доротеја Предлог. Филмското платно во „Сули-ан“, исто така, беше исполнето со новите гласови во документарниот жанр. Беше прикажан долгометражниот филм „Амор“ (Италија, Литванија / 2023 / 101 минута) на Вирџинија Елеутери Серпиери. На еден надреален начин, режисерката Серпиери ја преобмислува смртта на својата мајка, која зачекорува во водите на реката Тибар и е проголтана од амбисот.
Три кратки документарни филмови, кои се реализирани во рамките на школата за документарен филм „Докуникулци“ на „Македокс“ беа прикажани во „Сули-ан“: „Хелоу Алекс“ на Александра Петровска, „Винил вртлог“ на Марко Иван Кочишки и „Уживајте во кањонот“ на Калин Маџовски.
Филмската програма на 15. „Македокс“ е распоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци. На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет.
Комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм е во состав Кјара Либерти, Надја Тенштет и Владан Петковиќ. За наградата „Млад кромид“ од селекцијата „Нови автори“ одлучува комисијата во состав Маел Генег, Игор Анѓелков и Ваутер Јансен. Жирито за наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец е во состав Инеке Смитс, Иева Убеле и Мартина Дроанди. За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм одлучува комисијата во состав Јустина Грачнер Ботоњиќ, Ива Росандиќ и Јована Ѓорѓиовска. Наградата за филм со најдобри етички идеи на 15. „Македокс“ ќе ја објави комисијата во состав Себастијан Кајзер, Драгомир Зупанц и Искра Гешоска.