Во организација на здружението за супкултура „ПП џез-фестивал“, на летната сцена од центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп се одржува 13-то издание на фестивалот „Прилеп џез-викенд“, кој и овој пат понуди одлична програма со повеќе концерти и перформанси. Фестивалот го отвори квартетот на тромбонистот Филип Стевановски, а по нив настапи фракцијата од четворица млади музички аскети „Кобалт код јунит“, која неуморно талка низ обемните широчини на јужнобалканските традиции на импровизирана и ритуална музика контемплирајќи ги хоризонтите на современиот џез, креативната слободна импровизација, психоделичните импресии на африканските ритмички јазици и бучавата на индустрискиот метеж.
Втората вечер започна со настапот на триото на Ѓоле Грујовски, со промоција на новиот албум „Deep Blue“, а по нив пред прилепската публика се претстави квартетот на Никола Бочваров, со специјалниот гостин Ристо Вртев („Архангел“).
На последниот ден од фестивалот (31 август) се претставуваат гостите од Србија и Словенија/Украина. Предводени и формирани од словенечкиот саксофонист и композитор Јуре Пукл, „Јуре пукл органик трио“ е група од тројца артисти чија музика е оригинална и содржи елементи на џез, модерна класична музика и мешавина од популарни музички жанрови. Фестивалот ќе го затворат гостите од Србија „Црно дете“, со уникатен проект со звук што е комбинација од рок, ноиз, џез, панк и фолк.