Во периодот од 6 до 8 ноември 2025 година, во киносалата во Арена Синеплекс во Нови Сад се одржа третото издание на меѓународната филмска манифестација „Балканофилмофилија Париз – Берлин – Вашингтон – Нови Сад 2025“, во организација на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа (SEE Film Festival Paris-Berlin-Washington) и Интернационланиот универзитет Еуропа Прима – Скопје, во соработка со Културниот центар на Војводина „Милош Црњански“ и Арена Синеплекс, а со поддршка на Покраинскиот секретаријат за култура, јавно информирање и односи со верските заедници.
Нaстанот, кој е своевидна презентација на фестивалот, беше отворен со предавање на проф. д-р Љубомир Кекеновски на тема „Балканот во светот, светот на Балканот“, по што следеше свеченото отворање од страна на Ненад Шапоња, директор на Културниот центар и Јордан Плевнеш, претседател и основач на фестивалот. Првото филмско остварување на програмата беше премиерата на унгарскиот игран филм „Мастергејм“ (режисер Барнабас Тот) – кој се здоби со најголем број награди на овогодинешното издание на фестивалот, меѓу кои наградите за најдобра режија и најдобар игран филм.
Во рамките на настанот, на 7 ноември беа прикажани следните филмски наслови: документарецот „Оваа добра земја“ од Владимир Перовиќ, (награда за најдобар документарен филм) и македонскиот игран филм „Лена и Владимир“ (режија Игор Алексов, сценарио Александар Русјаков), кој беше добитник на наградата за најдобар дебитантски филм и наградата за најдобра женска улога – Сара Климоска и наиде на прекрасен прием од публиката. На 8 ноември, вечерта на затворањето, беше прикажан документарниот филм „Последниот Ју филмски романтик“, авторски проект на Радослав Т. Станишиќ, кој ја понесе наградата за најдобар документарен филм од жирито на Академија Балкника Еуропеана, по што се одржа церемонија на доделување награди.
Посебен акцент беше ставен на наградите за животно дело кои беа доделени на бугарскиот актер Руси Чанев, SEE Actor 2025 и легендатранта српската актерка Аница Добра, која ја доби наградата SEE Actress 2025.
Присуството на филмовите и професионалните учесници од регионот дополнително ја зајакнува важноста на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа како платформа за креативна размена и поттик за националните кинематографии.








































