Во земјотресите во Турција и Сирија страдаше и културното наследство
Серијата застрашувачки земјотреси во Турција и Сирија ги разорија модерните градови, подигнати на темелите на оние што пред 6.000 години ги поставиле цивилизации за кои дури не знаеме како се нарекувале, чии траги сега остануваат под урнатините. На глинените табли е запишано дека во третиот милениум пред нашата ера овие градови биле уривани во војните, а во мир одново ги граделе Хатите, Лувијците, Хетитите, Асирците, Арамејците. Потоа стигнале Хелените, Римјаните, Ромеите, Османлиите. Сите тие оставиле трага врз сегашните градови, како што се Искендерун, Антакиј, Газијантеп, Караманмараш, на кои сѐ уште им се паметат старите имиња, како Александрета, Антиохија, Антиохија на Таурус, Германикеја Цезареја, Алепо… Сите овие цивилизации додавале свој слој во метрополите што сега се претворени во купишта шут.
Овие градови страдале многупати бидејќи се изградени на трусното источноанадолско подрачје, настанато со повлекување на африканската континентална плоча под евроазиската, па немирната почва ја одредила и судбината на безброј народи што тука оставиле траги. По нивната сообраќајница, наречена Патот на свилата, Александар Велики стигнал до Персија, тука марширале легии кон Сирија и Египет. По овој пат од Никеја кон Јудеја тргнала и царицата Елена да го обнови Ерусалим. Во спротивен правец преку Алепо, Антиохије и Кападокија четири века подоцна во поход тргнале Мухамедовите следбеници, војници на првиот Исламски калифат, а потоа и исламските Селџуци. Нив ги протерале Ромеите и латинските крстоносци.
Ова богато наследство на евроазиските култури што се таложат една врз друга повеќепати страдало од природни катастрофи. Земјотрес со магнитуда од 7,6 степени во 1950 г. го разорил системот на кападокиските населби. Денес се гледаат застрашувачки големи слоеви карпи со висина на четирикатница со врати и прозорци што се урнале, откривајќи станови и катедрали во кои живееле стотици луѓе. Земјотресот разорил голем дел од високите камени монолити – чувари на Патот на свилата. Од преубавите цркви и манастири во долината има само остатоци.
Иако западните научници уште во 19 век ја запознале вредноста на анадолско-левантската ризница на цивилизации, таа дури во 1990-тите години е ставена под заштита на УНЕСКО. Спомениците на Мала Азија се непроценливи сведоштва дека тука се наоѓа колепката на европската цивилизација. Малоазиската хетитска цивилизација го создала првото интерконтинентално царство, а на човештвото во наследство му ја оставила вештината на топење на железото. Хетитска Империја се распаднала во хаосот по низа ерупции на медитеранските вулкани и катастрофални земјотреси околу 1200 г. пред нашата ера. Била заборавена додека археолозите буквално не ја ископале во почетокот на 20 век. Троја околу која е сплетен митот за „Илијада“, според археолошките истражувања, била хетитски пограничен град што бил урнат од земјотрес.
Серијата разорни земјотреси и последователни потреси во Турција и Сирија што се случија изминатиов период, во кои загинаа илјадници луѓе, исто така уништија или оштетија неколку историски споменици на овој антички регион што преживеале многубројни војни и природни катастрофи низ вековите.
Деловите на Сирија погодени од земјотресите исто така страдаат од 12-годишна војна, која исто така опустоши некои од иконичните градби по кои земјата, една од лулките на човечката цивилизација, одамна е позната. Експертите стравуваат дека земјотресите би можеле да ја влошат загубата на културното наследство во регионот – турската влада објави дека повеќе од 5.600 згради се уништени само во оваа земја. УНЕСКО предупреди дека неколку места на светско наследство, кои агенцијата на Обединетите нации ги стави под своја заштита поради нивното културно, историско, научно и други форми на значење – можеби се оштетени. Н.М.
Некои од клучните споменици што претрпеа оштетувања
Замокот „Газијантеп“, Газијантеп
Локално познат како „Газијантеп Калеши“, замокот од вториот век од нашата ера во центарот на турскиот град Газијантеп е делумно уништен, со многу ѕидови и караули срамнети со земја, а други оштетени делови. Некои од бастионите во источните, јужните и југоисточните делови на историскиот замок „Газијантеп“ во централната област Сахинбеј се уништени во земјотресот, а остатоци се расфрлани на патот. Објектот првично се користел како место за набљудување. Римјаните потоа го развиле во вистински замок. Споменикот беше популарна туристичка атракција, неговата долга и богата историја е сведоштво за античките корени на градот и безбројните бранови посетители и освојувачи што со векови го привлекувале овој дел од Турција. Замокот е реновиран неколкупати, последен пат во раните 2000-ти.
Џамијата „Сирвани“, Газијантеп
Во близината на замокот „Газијантеп“, сериозна штета претрпи и оваа џамија од 17 век. Нејзиниот источен ѕид и куполата делумно се урнати. Џамијата, една од најстарите во Газијантеп, долго време стоеше високо на листата на атрактивни локации, не само како верски објект туку и како архитектонско чудо. За разлика од повеќето минариња во џамиите, кулите на џамијата „Сирвани“ имаат два балкона.
Цитаделата „Алепо“, Алепо
Тој е еден од најстарите постојни замоци во светот, но не ги избегна оштетувањата во земјотресот. Делови од отоманската воденица во цитаделата во Алепо се урнаа, додека делови од североисточните одбранбени ѕидови пукнаа и паднаа, се вели во соопштението на сириската Генерална дирекција за антиквитети и музеи. Делови од куполата на минарето на џамијата „Ајубид“ во цитаделата паднаа, додека влезот на тврдината е оштетен, вклучувајќи го и влезот во кулата „Мамлук“. Во меѓувреме, УНЕСКО во соопштението изјави дека „се урнала западната кула на стариот градски ѕид, а неколку згради на пазарите биле оштетени“.
Тврдината „Дијарбекир“, Сур
Историската тврдина и соседните градини Хевсел во турската провинција Дијарбекир беа прогласени за дел од списокот на светско наследство на УНЕСКО во 2015 година. Агенцијата на ОН објави дека и двата локалитета се оштетени во земјотресите. Во соопштението на УНЕСКО се наведува дека се тажни поради „уривањето на неколку згради“ во тврдината.
Џамијата „Јени“, Малатија
Џамијата од 17 век во античкиот град Малатија во турскиот регион на источна Анадолија претрпи повеќекратни земјотреси. Била уништена во земјотрес во 1894 година, но подоцна била повторно изградена. Повторно страда во земјотресот во 1964 година. Сега, многу од ѕидовите на споменикот се урнати, што отвора ново поглавје во борбата за опстанок на џамијата.