Претставата „Слугинки“ во режија на Теодора Силјаноска ги отвори Деновите на претставите од независна продукција, кои до 20 септември ќе се одржат во Драмскиот театар во Скопје. Во претставата „Слугинки“, во режија на Теодора Силјаноска, играат Марија Кондовска, Кристина Гиева и Ванеса Тримчевска.
На двете сцени на театарот ќе се играат претставите од независната продукција создадени во изминатите две години.
Драмскиот театар ќе биде местото каде што ќе се сретнат уметниците што творат и внесуваат свежина, динамика, понекогаш и неконвенционален пристап во создавање на театарските претстави. Драмскиот театар ги повикува театарската публика и генерацијата на млади љубопитни познавачи на дигиталните медиуми да им дадат поддршка на креативните проекти од независната сцена. Оваа симбиоза на публиката што ќе ги следи претставите од независната сцена ќе даде енергија за нов и динамичен вовед во новата театарска сезона.
Драмскиот театар ќе ги отстапи за гостување сцената „Ристо Стефановски“ и Малата сцена на театарот, како и потребната техника, со што ќе овозможи изведба на новите претстави и презентирање иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти.
Продукцијата „Македонски центар ИТИ/продукција“ со претставата „Криег“ ќе настапи вечерва во 20 часот. Режијата е на Иванка Апостолова–Баскар, а во претставата играат Здравко Стојмиров и Филарета Атанасова.
В сабота во 20 часот со претставата „Folie a Deux“ на режисерот Ѓорѓи Ризески ќе гостува продукцијата „Вортекс театар“. Во претставата играат Јана Вељановска и Никола Милошевски.
Претставата „Лекција“, работена по делото на авторот Ежен Јонеско, во режија на Ризески, ќе се игра в петок (16 септември) во 20 часот. Во претставата играат: Ефтим Трајчов Ѓаурски, Димитрина Мицкоска Трајкоска, Милорад Ангелов, а продукцијата е на „Моушн нетворк“ од Штип.
На 17 септември Драмскиот театар ќе ги отвори двете сцени за проектите на уметниците од независната сцена. Од 19 часот на Малата сцена ќе се игра претставата „Те чекам“, на продукцијата „Театар за тебе“. Авторка и режисерка на претставата е Изабела Јакимова, а играат Гоце Андонов и Ангела Лефкова со учество на публика.
„Волкот на љубовта“ на авторите Бранислав Николов и Тихомир Јанчовски ќе биде вториот настан што ќе се реализира в среда (17 септември), со почеток во 21 часот, на сцената „Ристо Стефановски“.
В четврток (18 септември) во 20 часот ќе се игра монодрамата „Фетишист“ по делото на авторот Мишел Турне. Здравко Стојмиров ја игра и ја потпишува режијата на претставата.
Театарот „Златен Елец“ в петок (19 септември) од 20 часот ќе ја игра претставата „Хинкеман“, по дело на авторот Ернст Толер. Режијата и адаптацијата се на Тамара Стојаноска, а во претставата играат: Бобан Алексоски, Талија Настова / Надица Петрова, Дритон Вејсели / Филип Христовски, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски.
Деновите на независна продукција се затвораат в сабота (20 септември), со претставата „Вај-фај“ во режија на Мирко Видоески. Претставата се игра од 20 часот, а ликовите ги толкуваат: Наташа Петровска, Лазар Саровски, Драгана Радованов, Глигорије Стојановски и Игор Бачоски. Претставата е во продукција на „Драмско студио“ од Тетово.
Од Драмскиот театар од Скопје информираат дека билетите за гостувањата на независната сцена од 11 до 20 септември се пуштени во продажба и ја покануваат публиката да ја искористи можноста да ги проследи и да ги поддржи претставите од поновата продукција на независната сцена.