Изложба на накит „Листови што не венеат“
- Под менторство на занаетчијата Владимир Гавриловски, четворица средношколци од средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ изработуваа накит на темата „Лист“
Изложбата на накит „Листови што не венеат“, направен од четворица средношколци од средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, беше поставена во галеријата на училиштето. Тино Наков, Јована Лазева, Мелани Манческа и Живко Станчев го изработија накитот под менторство на мајсторот и занаетчија Владимир Гавриловски, кој е всушност и иницијатор на проектот. Темата на проектот е „Лист“. Од љубовта кон накитот се јави идејата да се реализира овој проект. Првично е одржана работилница, на која се изработени нацрт-цртежи за накит. А потоа најдобрите четворица ученици селектирани од менторот заеднички изработија парче накит на чиј дизајн се потпишаа самите.
– Изненаден сум од она што го сработивме во толку краток рок. Мојата задача беше да го откријам талентот на учениците, за што најмногу се надарени, да им помогнам кога ќе заглават. И на крајот успеавме од парче лим и жица да реализираме готов уникатен производ, кој како награда учениците си го задржаа за себе – сподели мајсторот Владимир Гавриловски.
Во работилницата тој работел со секој посебно, независно еден од друг, тие меѓусебно не знаеле што работат, ги чувал изработките во тајност сѐ до денес, кога се случи изложбата.

– За да ја организирам оваа работилница, овој проект, ме поттикна моментот да успеам директно да им го пренесам занаетот на заинтересираните ученици, да најдам потенцијални наследници, да ја зачувам традицијата… Државата и надлежните не се заинтересирани за занаетот, традицијата, чаршијата… Сум поднесувал и барање за изложба, ама безуспешно. И така си најдов мој начин да допрам до публиката и учениците. Многу би сакал да си направам завршна изложба од занаетот, ама нема никаков одзив од надлежните, а и нема соодветни витрини за да се изложи накитот. Упорен сум да ја реализирам, но изгледа ќе треба сѐ сам да си финансирам. Тоа ми е целта, да оставам нешто. Би сакал да ги надминам моите учители, велат дека добриот ученик треба да биде подобар од мајсторот. Сега овој накит што го работиме порано не се работел. Гледам да внесеме свежина, нови стилови на накит, да ја збогатиме традицијата. Традицијата е нашето обележје, нашата вредност што треба да се зачува – вели мајсторот Гавриловски.
Тој исто така ја истакна тежината на оваа професија, на овој занает.
– Целокупниот занает е тежок и се работи од седуммина занаетчии, а јас ја работам работата на сите седум. И кога ќе отидам на Запад се чудат како можеш сѐ да знаеш и работиш. Затоа што повеќето се поделени. Еден е за легирање, топење, лиење. Други се дизајнери, трети обликувачи, моделари, четврти се фасери на камења, петти се гравери, шести се полирачи, седми работат со хемија, позлатување, посребрување… Јас рачно работам сѐ, од почетокот до крајот. Единствен сум во Македонија што умее да ги работи сите седум процеси, а има занаетчии што работат по неколку – споделува Владимир Гавриловски.
Учениците се задоволни од целиот процес на учење за тоа како се создава накитот и среќни се што имале можност да научат и за занаетот и за традицијата.
– Се пријавив на работилницата затоа што накитот ме интересира уште од мал, па ова беше можност подетално да се запознаам со алатите, техниките, материјалот. Решив да направам обетки од лавров лист. Процесот од цртеж до финален производ е многу интересен за учење. Не само што научив многу техники за изработка на накит, научив за историјата на македонскиот накит, научив да го ценам трудот што е вложен при самата изработка. По ова искуство дојдов до заклучок дека треба да се зачуваат македонската традиција и култура и младите генерации да го продолжат занаетот – истакна Тино Наков.
Мелани Манческа сподели дека е вљубена во накитот и традицијата.
– Овој проект ми беше инспирација и предизвик да направам нешто мое, креативно, нешто ново и да научам нешто што ќе ми вреди за цел живот. Привилегија беше да се учи од еден ваков мајстор. Процесот можеби изгледа лесен, но е многу тежок. Ова беше можност да научам многу за накитот, но и за животот – сподели Мелани.
Јована Лазева посочи дека црпела инспирација од листот гинго билбоа во изработката на своите обетки.
– Најпрво направивме цртежи за дизајнот на нашиот накит, потоа го преработивме цртежот во глина, а на крајот во метал. Интересно е што по некое време дознав дека овој лист ја излекувал мајка ми – изјави таа.
Учениците се изненадени, презадоволни и горди на своите дела.
– Не очекував дека ќе креирам нешто уникатно. Цртежот беше добар, изработката на глината беше подобра, но производот ги помина моите очекувања – вели Живко Станчев.
Преку оваа работилница тие не само што создадоа накит туку научија како идејата се претвора во форма, како се развива личен стил, како се гради уметничка творба. Нивната работа покажа дека уметноста и занаетот живеат таму каде што има љубопитност и храброст да се создава.


































