Во моментот кога полека заминува 2024 година, во 61-та година од животот ненадејно не напушти Ристо, Ице Ќорнаков, клавијатурстот на легендарната рок група од Гевгелија, „Зијан“. А, само пред еден месец, поточно на 7 ноември, настапи заедно со останатите членови на бендот на концертот, со кој беа одбележани 42 години од настапот на сцената на Младинскиот културен центар во Скопје.
– Ице Ќорнаков е еден од авторите и аранжер на инструменталот „Низводно“, од истоимениот албум, вистински дијамант на македонскиот поп рок. Беше вљубен бескрајно во музиката, свиреше на клавијатура, а по професија беше дизајнер на ентериери и производител на уникатен мебел. Имаше своја работилница во населеното место Мрзенци, каде и живееше со своето семејство – ни рече Љубчо Алексовски, познат македонски новинар, кој подолго време живее и работи во Гевгелија.
Ице замина, но ќе остане засекогаш запаметен на страниците на македонската популарна музиката со вонвременските песни, што заедно со другите членови на „Зијан“ ги создадоа на радост на големиот број нивни обожаватели во Македонија и пошироко на Балканот.
– „Зијан„ останува мерка на еден постојан квалитет. Нивната музика останува свежа и со текот на годините не губи ништо од својата свежина, благодарејќи пред се на интересната и ненаметлива употреба на македонскиот мелос во нивните композиции, одличните текстови и луцидните аранжмански решенија – вели Алексовски.
М.Т.