Јубилејна ликовна колонија „Де Ниро“ – Битола
Во селото Цапари, во рамките на меѓународниот центар за современа уметност, се одржа јубилејната 20. ликовна колонија „Де Ниро“-Битола, која во своето дводецениско постоење се стекна со една од најзначајните ликовни позиции во Македонија и доби солиден, авторитетен и познат углед на меѓународен план. Присуството на истакнатите ликовни автори од сите континенти ја прави оваа ликовна колонија едно од поважните творечки движења во меѓународната ликовна јавност.
Сопственици, идејни творци и организатори на ова случување се Силвана и Драги Филевски, кои во изминатите 20 години успееја да создадат галерија и збирка со огромен ликовен фонд: слики, цртежи, графики, мозаици, мурали… Како што велат тие, збирка што е меѓу најзначајните не само по бројот на делата туку и по застапеноста на голем број истакнати автори од целиот свет.
– Ова јубилејно издание има изменет концепт, што всушност е еден вид своевидна суштинска рекапитулација на значајните движења во современиот македонски ликовен простор. Јубилејот на ликовната колонија се совпаѓа со јубилејот на историската и антологиска група „Зеро“ формирана пред 40 години. Нивното заедничко дејствување во рамките на ликовната колонија „Де Ниро“ годинава е своевиден историски ексклузивитет, затоа што неконвенционалноста, бунтот, потрагата по суштинскиот творечки израз што беше суштествен за оваа група, сега е синтетизирана во еден голем заеднички мурал што го работаат членовите на групата во просторот на конференциската сала – велат организаторите на колонијата.
„Колектив Зеро“ е формиран во 1985 година, во ориенталниот амбиент и институциите на Старата скопска чаршија. Во 1980-тите години претставуваше парадигма за вонинституционално генерациско дејствување на македонската ликовна сцена.
Нивниот иронично-критички уметнички став го означи методолошкиот и интерпретативен пресврт со раскинувањето на стереотипите на „големите модернистички наративи“. Групата стана препознатлив знак за македонската постмодерна. Колективот има хетероген состав и отворен карактер, но дејствува без програма. Членови се: Ацо Станкоски, Беди Ибрахим, Синиша Цветковски, Перица Георгиев, Зоран Јаневски, Роберт Михајловски, Миодраг Десовски, Горанчо Ѓорѓиевски, Стеван Шашков, Сашо Јовчевски, Лина Дамјан, Виктор Јаневски и Златко Трајковски (1960-2017).
– Членовите на групата индивидуално ќе создадат по две платна, со што ќе го заокружат нивниот ликовен исказ во рамките на овие два значајни јубилеи. Со ова меѓународната суштина на колонијата годинава ќе биде во знакот на нашите автори и нивното дејствување во меѓународното милје. Покрај големиот мурал во самиот објект, ликовната колонија располага со уште еден автентичен ликовен мурал и еден голем мозаик на повеќе од 60 квадратни метри, дело на Миодраг Масин – велат од колонијата.
До крајот на годината ќе следуваат уште активности на меѓународниот ликовен центар што ќе бидат од особена важност за македонската и меѓународната ликовна јавност. В.Д.