На 13 и 14 декември годинава, во Салон 19:19 во Скопје, ќе се одржи второто издание на Меѓународниот натпревар „Пијано клавиш“, единствен од ваков вид, посветен на пијаното. Натпреварот ќе биде организиран во четири дисциплини, поделени во 10 возрасни категории.

Во комисијата за пијанистите од основните училишта се Катерина Ќетковиќ Фидановска и Колос Цури, професори по пијано од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, м-р Светлана Димитриевска, раководител на одделот за пијано во ова училиште, како и д-р Ема Попивода, актуелна директорка на македонскиот Културно информативен центар во Тирана, професорка на Музичката академија во Штип.
Настапите на учениците од средните училишта ќе ги оценува комисија во состав: Весна Кршиќ, професорка од Факултетот за музичка уметност во Белград, проф. д-р Елена Атанасовска – Ивановска, раководител на Катедрата по пијано при Факултетот за музичка уметност од Скопје и професорката Ќетковиќ Фидановска.
Настапите во онлајн-категоријата ќе ги оценува меѓународна комисија составена од Илинка Манова, истакната македонска пијанистка и професор по пијано во Њујорк, Франческа Видал, професорка по пијано во Музичката школа во Венеција и Данијел Ото, професор по пијано во едно од најдобрите музички училишта во Хрватска „Музичка школа Вараждин“, во која е раководител на Одделот по пијано.
Уметнички директори и организатори на овој настан се Ема Попивода и Светлана Димитриевска.
– Натпреварот е посветен ексклузивно само на пијаното. За учесниците кои нема да имаат можност да учествуваат во живо, може да имаат и онлајн-учество или преку испраќање на снимка. Во оценувачката комисија се застапени врвни имиња од светот на пијанизмот – од нашата земја, регионот, но и пошироко. Како организатори сме горди што овозможивме присуство на врвна комисија, која може да ги следи младите таленти, да ги оцени високопрофесионално, но и да им даде совети за понатамошна успешна работа – вели Попивода.
Таа додава дека сите членови од жирито се истакнати педагози по пијано, кои со својата работа на овој натпревар значајно ќе придонесат во развојот и издигнувањето на пијанистичката уметност.
– Минатата година Скопје се збогати со еден значаен настан, посветен на пијаното, а тоа е токму Меѓународниот натпревар по пијано „Пијано клавиш“. Целта на овој натпревар е да ги мотивира младите пијанисти, да ги претстави пред значајни педагози по пијано, кои освен педагошката дејност, имаат и голем придонес во развојот на пијанизмот и концертната активност. Натпреварот опфаќа 4 дисциплини и 10 категории. Секој ученик, љубител на пијаното и на убавиот звук, може да се пронајде во соодветната дисциплина и категорија. Нашата главна цел е да се мотивираат учениците, да бидат поттикнати за понатамошен развој и да ја негуваат љубовта кон пијаното и убавиот звук, притоа, развивајќи ја музичката естетика на највисоко ниво – вели Димитриевска.
Свеченото доделување на наградите ќе биде на 18 декември во Камерната сала на Македонската филхармонија.
Во рамки на меѓународниот натпревар за прв пат во Македонија ќе се избира и млад пијанист на годината.





































