Од денеска до 1 јуни, студентите од Факултетот за драмски уметности го
организираат второто издание на студентскиот филмски фестивал „Хај-фај“, меѓународна филмска платформа направена од студенти за студенти, која
служи како отскочна штица за промоција на студенти од филмски катедри при нивното прогресирање кон професионалци.
Програмата за второто издание ќе започне на Академската сцена со „Запознај ги новите деца“, настан посветен на запознавање со новата генерација филмаџии од Факултетот за драмски уметности. Понатаму фестивалот ќе биде официјално отворен со кинонастан на отворено – проекција на култниот филм „Хај-фај“ во режија на Владимир Блажевски на паркингот помеѓу ФДУ и Машински/Електро факултет. Официјалната филмска програма е распределена за сабота и недела (31 мај и 1 јуни) на Академската сцена. Таа има седум студентски кратки филма, од кои два македонски и другите на колеги од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. По проекциите ќе следува разговор со авторите и со македонскиот писател и филмски критичар Златко Ѓелески.
Годинава се доделуваат две награди – една од жири-комисија (Сашко Потер Мицевски, Радован Петровиќ и Сашо Кокаланов) и една од фестивалот на европски филм „Синедејс“ (селекција на победник што ќе влезе во селекцијата на „Синедејс 2025“). Во склоп на едукативната програма се закажани две предавања – „Кастинг 101“ со актерките Наташа Петровиќ и Сара Климоска, каде што студентите ќе имаат шанса да се запознаат со кастинг-процесот одблиску. И предавање на темата „Раскажување приказни“ со режисерот Ѓорче Ставрески.