По саемското објавување во мај оваа година, „Господ, па Америка“ од Румена Бужаровска ја освои читателската публика со своите „нешто повеќе од есеи“, како што ги нарече нејзиниот промотор Ивор Мицковски. По три месеци, на полиците на „Три“ пристигна второто издание на оваа извонредна книга, што е уште еден доказ за ерудицијата, чувствителноста и можноста на книжевноста да ги одредува и да ги надминува границите.
Книгата оригинално беше напишана на англиски јазик, а есеите постапно беа објавувани на српски јазик на сајтот „Велике приче“.
Румена Бужаровска е една од најпреведуваните авторки во нашата земја, досега објавена на четиринаесет јазици, а расказите од „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ се поставени во шест театарски претстави што се играат со голем успех кај нас и во странство.
– Во исчекување на единаесеттото издание на „Мојот маж“ го славиме второто издание на оваа збирка есеи, која е една од најбараните книги што постојано е меѓу најпродаваните за овие месеци. Повеќе автори веќе се огласија за „Господ, па Америка“. Според Петар Андоновски, „Ако во расказите Бужаровска е ненадминлива, во есеите е – па, Господ!“ А Сашо Огненовски во својата рецензија ја означи како „книга која балансира токму меѓу подземниот анимозитет и слаткоста на секојдневието каде што отворените прашања се секогаш добредојдени, зашто ако не се одговорат сите, ќе нема за што да се живее, ќе нема каде да се оди и зошто да се очекува новиот ден“ – вели издавачот.