„Високи вибрации“ е насловен концертот што ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот, на кој како солист ќе настапи врвниот руски пијанист Дмитри Маслеев, а диригент е Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 3 во Де-мол и Симфонијата бр. 4 во Еф-мол од Сергеј Рахманинов.
Рускиот пијанист Дмитри Маслеев (1988) е еден од најзначајните солисти од поновата генерација на светската музичка сцена во моментов. Учел пијано на Конзерваториумот „П.И. Чајковски“ во Москва, во класата на проф. Микхаил Петруков, како и на Интернационалната академија за пијано на езерото Комо во Италија. Како „суперсолистичко“ беше најавено и дебито на Дмитри Маслеев со оркестарот на Националниот оркестар на Франција во 2020 година, на кој го изведе Концертот за пијано и оркестар број 1 од Чајковски, дело што му обезбеди интернационална кариера откако стана лауреат на меѓународниот натпревар „Чајковски“ во 2015 година. Овој исклучителен млад пијанист го издвојува и дебито во Златната сала на Музикферајн и на главната сцена на Берлинската филхармонија. Оттогаш, Германија и Франција се негови главни дестинации, каде што соработува со врвни оркестри. За него критиката ќе напише: „Каков уметник! Сè е толку едноставно, толку генијално, без најмал обид за објаснување на музиката…“ Или: „Тој е архитект на пијаното, како што малкумина од неговите колеги се денес…“, „Фасцинантно е да се сведочи на неговиот уметнички развој. Никој не може да научи да свири вака. Потребна е многу природна музикалност… Маслеев покажува како во мал простор може да се отвори цел универзум на душата. Тоа е голема уметност и тоа е она што секогаш го сакате и ретко го добивате како слушател…“ Минатата година имаше неколку настапи на резиденцијата на фестивалот „Вербие“, а неговиот дебитантски настап на таа сцена во 2019 година беше меѓу многуте од неговите настапи што беа емитувани на „Медичи ТВ“ за илјадници луѓе низ светот. Настапува на сите светски сцени, но не ја заборава и својата родна Русија, често настапувајќи со Московскиот филхармониски оркестар. Дмитри редовно настапува во САД и во азиските метрополи со врвни оркестри.
Маестро Јерухам Шаровски во раните 1970-ти имигрирал во Израел, каде што дипломирал на академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим. Во 1990 година, Шаровски бил избран од славниот Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“. Тогаш ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. За време на својата кариера, диригирал со над 50 оркестри во различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим. Во моментов ја извршува функцијата шеф-диригент на Македонската филхармонија.