Настанот „Враќање во иднината“, каде што познати и еминентни ментори заедно со 40 средношколци од различни градови низ државата ќе работат на креативно изразување на ставовите на младите луѓе преку видеа, графити, музика и облека, ќе се одржи в недела во креативниот центар „Бруталиск“, со почеток во 12 часот. Предвидена е отворена презентација за граѓаните и медиумите каде што ќе биде презентиран уметничкиот и креативен израз на учесниците.
Настанот е во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија Скопје во соработка со Форумот за разумни политики и Центарот за едукација и уметност – „Хана“.
Учесниците ќе бидат поделени во четири групи, а менторите Емилија Ристановска од Центарот за едукација и уметност – „Хана“ и Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики ќе им помогнат на младите средношколци да ја разберат уметноста како одговор на општествените и политички случувања низ историјата.
На настанот, свое учество како тренери ќе земат познатиот визуелен уметник, илустратор, графички дизајнер и ди-џеј Горан Костовски-Индог, музичарката и тапанарка Мартина Баракоска, графичарот, стрип-цртач и еден од најплодните рапери на современата македонска музичка сцена Антонио Аранѓеловиќ (Тонио Сан), како и графичкиот дизајнер Теодор Петровски.