Изложбата „Мајкинство“ на уметничка група МОМИ е отворена во Културно-информативниот центар во Скопје. MОMИ е уметничка група од седум авторки што дејствуваат заеднички од почетокот на 2012 година, поврзани преку своите креативни идеи и инспирации за создавање, како и блискоста на проблематиките што се провокативни за нивно истражување. Групата ја сочинуваат: Ана Ивановска, Кристина Хаџиева, Зорица Зафировска, Маја Кировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска и Христина Зафировска.
Teмата на која заеднички работи групата во изминатата година е многу длабока, а насловот е „мајкинство“ наместо „мајчинство“ затоа што подобро го рефлектира значењето на она што сакаат да го прикажат авторките.
– Иако како збор не постои во нашиот литературен јазик, овој збор е поблиску изведен и има поцврста врска со зборот „мајка“. Она што најмногу нѐ обединува во нашата група е мајкинството. Оваа улога и функција ги носиме со нашето раѓање и, свесно или несвесно, секогаш се рефлектира во нашите творби.
Мајкинството е принцип што го обликува човештвото. Тоа е изворна сила што секоја од нас ја носи во себе, сила со која го негуваме домот и сила со која ги обликуваме општеството и идните генерации. Доживувањето на мајкинската сила и создавањето со мајкинско чувство е моќна движечка сила што ја препознаваме буквално во сиот жив свет. Самото создавање е маjкински принцип. Творењето е раѓање на дело. Блискоста на мајкиното доживување и потребата да се допре уште поблиску до мајкинскиот аспект во себе е наш предизвик и задача што сакаме да ја развиеме преку создавањето и градењето на нашите дела, ем индивидуално, ем заеднички како едно дело. Мајка, тоа е секоја жена, бидејќи, без разлика дали имаме или немаме деца, ние истовремено сме и жени и мајки и во домот и во општеството – истакнуваат од МОМИ.
Изложбата „Мајкинство“ растеше и се развиваше преку заеднички процес на создавање и интеракција меѓу членовите на групата во текот на повеќе месеци.
– Нашата група има седум члена, и секоја од нас иницираше дело на зададената тема. Иницијалниот концепт беше претставен со скици, објаснувања и насоки, а потоа сите имавме можност да го следиме развојот на секое дело преку заедничка комуникација онлајн, како и преку нашите состаноци во живо. Секоја од нас имаше можност да го дополни кое било од делата според своето видување и интерпретација. Така, делата се дополнуваа и се приближуваа кон својата конечна форма. Крајната реализација на делата ќе се случи со нивното обединување и поставување во галерискиот простор, кога сите делови од „мозаикот“ ќе го најдат своето место – дополнуваат авторките.