Управниот одбор и Дирекцијата на „Струшките вечери на поезијата“ ќе ја врачат наградата „Млада Струга“ за 2024 година, која се доделува во соработка со „Јуроп хаус“ и со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Македонија. Свеченото прогласување на добитникот на наградата „Млада Струга“ ќе се одржи денеска, со почеток во 11.30 часот, во просториите на „Јуроп хаус – Струга“.
Конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ беше распишан на 9 мај и беше отворен заклучно со 14 јуни. Наградата се доделува за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор дебитант, на возраст од 18 до 30 години. Оваа година наградата беше возобновена преку соработка на „Струшките вечери на поезијата“ со Делегацијата на ЕУ, која од оваа година ќе биде покровител на наградите „Енхалон“ и „Млада Струга“. Oсвен паричен износ, наградата вклучува и објавување на поетската збирка како дел од изданијата на СВП и учество на фестивалот, по моделот на поранешниот конкурс на Книжевната младина на Македонија. Поттикнувањето на културната разновидност и создавањето еднакви можности за сите граѓани се една од темелните вредности и на Европската Унија под чие покровителство е и наградата.