Во фоајето на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, викендов беше отворена изложбата насловена „Ченто – биографија низ фотографии“, од прилепскиот автор Рубинчо Белчески, историчар – кустос. Тој на реализацијата на прокетот соработуваше со Јован Василески, историчар –кустос во НУ музеј „Д-р Никола Незлобински“, Струга. Пред повеќе од педесттина посетители, изложбата за отворенa ја прогласи Горан Цветкоски, директор на музејот од Прилеп, додека за изложбата зборува самиот автор Рубинчо Белчески.
– Со започнувањето на процесот за независност и осамостојувањето на Република Македонија сѐ почесто се зборуваше за името на големиот Македонец, борец, деец и политичар, Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ. Од тој период до денес, повеќе историчари, публицисти и други личности, вклучувајќи го и синот на Ченто, Илија Андов, напишаа повеќе публикации, а беа издадени и зборници за животот и делото на човекот – визионер, кој уште во минатото знаеше дека Македонија еден ден, ќе стане независна и самостојна држава. Во чест на Ченто, подигнати се повеќе меморијални споменици, спомен обележја, а воедно создадени се повеќе уметнички и други дела. Желбата ми беше и ја да дадам свој придонес во расветлувањето, а пред сѐ во презентирањето на ликот и делото на Ченто, создавајќи едно дело, но со поинаква форма и содржина од досегашните напишани дела за него. Така ја започнав својата „собирачка“ дејност – вели авторот на изложбата, прилепчанецот Рубинчо Белчески.
Изложбата „Ченто – биографија низ фотографија“, содржи 250 хронолошки подредени фотографии, собрани на едно место, со цел гледачот, растоварен од читање на долги текстови да го следи неговиот живот исполнет со голем број активности, но и фотографии кои зборуваат за животот на Ченто после смртта. Содржините од изложбата збогатени со кратки информации на 150 настани кои ги дообјаснуваат „замрзнатите“ моменти од фотографиите, неколку текстови на авторот и делови на говори, мисли и изјави на Ченто, ја прават истоимената фотографија која дополнително беше публикована, а која го заокружи веќа целиот овој проект за непоколебливата личност со извонредна богата биографија.
– Ако една изрека вели „Една фотографија, илјада зборови“ тогаш можете да замислите колку зборови содржат овие фотографии. Проектот го реализирав истражувајќи низ Прилеп и пошироко, низ републиката и притоа во голема мера ми помогна семејството на Ченто, особено неговиот син Илија Андов – Ченто, и ќерката Марија Јакимоска на кои им изразувам голема благодарност за соработката. Воедно, благодарност изразувам и до поголем број установи поединци кои несебично ми помогнаа во реализација на проектот, а пред сѐ на мојата работна организација НУ Завод за заштита на спомениците на културата Музеј – Прилеп и на Министерството за култура за финасиската поддршка на целокупниот проект – додава авторот Рубинчо Белчески.
Ст.К.