Фото: „Поетски слем Македонија“

Шенон Саливан, слемерка од Германија

  • Македонската публика имаше можност двапати да ги види слем-перформансите на Саливан, еднаш на „Струшките вечери на поезијата“, а вторпат на минатогодишното издание на „Поетскиот слем Македонија“ во Прилеп

Шенон Саливан е поетеса, актерка и танчарка од Њујорк, која веќе 20 години живее и работи во Берлин, Германија. Македонската публика двапати имаше можност да ја види со нејзините слем-перформанси, еднаш на „Струшките вечери на поезијата“, а вторпат на минатогодишното издание на „Поетски слем Македонија“ во Прилеп.
Саливан е членка на европската поетска платформа „Версополис“, а нејзината поезија е преведена на германски, француски, шпански, ерменски, словачки, холандски и на италијански. Има настапувано на повеќе европски поетски фестивали.
– Во 2019 г. бев благословена што бев поканета да имам настап на „Арс поетика“ во Братислава, каде што ги запознав Клаудио Пицани и Никола Маџиров. Останав со двајцата во контакт. Клаудио сакаше да ме покани да настапувам на фестивал, но дојде пандемијата, па имаше затишје. Потоа ме покани да настапувам во Италија и ме номинираше за „Версополис“. Така што Клаудио е „виновен“ што дознав за Струга. Бев во Струга и се видов со двајцата пријатели. Имав настап во Струга и таму Игор Трпчески ме покани на фестивалот во Прилеп – раскажува Саливан.
Таа вели дека во Македонија доживеала културен шок, меѓутоа во најубава смисла на зборот, македонскиот народ ѝ зрачел со топлина и нежност.
– Прекрасно е што открив колку се топли и отворени луѓето во Македонија. И начинот на кој ја восприемаат поезијата. Луѓето во Германија се трудат да не ги минуваат „границите“. На пример, за време на свеченото затворање на „Струшките вечери на поезијата“, седев до водата и го гледав случувањето на мостот – до мене седеше една повозрасна жена и како што седеше, ми ја зеде раката и ми ја бакна, како да сум ѝ внука. Ми даде топлина и нежност како да ми е баба, ми го стопли срцето. За мене тоа беше прекрасен момент – вели поетесата.
За тоа како се прифаќаат поетските перформанси, Саливан вели дека зависи во која земја си.

– Сѐ зависи во која земја си. На пример, до пред неколку години во Германија имав чувство дека поетскиот перформанс не е високопочитуван, наспроти класичната поезија. Поезијата не е само академско пишување, ние сакаме да создавамe поезија што е лесно достапна и прифатлива за луѓето. Сметам дека сум благословена што можам да ја претставам мојата поезија на различни поетски фестивали. Преку „Версополис“ имав можност да се претставам во повеќе земји и видов дека луѓето многу убаво ја прифаќаат оваа форма на поетско претставување, само да стоиш и да читаш поезија. Благословена сум што така ми се отворија многу врати. На луѓето им се допаѓам затоа што не читам. Вака како што стојат работите, работите можат да се движат во различни насоки. Од една страна е поезијата, но од друга страна се музиката и театарот – вели поетесата.
Професионалната кариера на Саливан почнала како танчарка. Таа има настапувано и како професионална актерка, меѓутоа поради физичка повреда, се преориентирала кон слем-поезијата.
– Дојдов во Европа пред 20 години, како танчарка. Мојата професионална кариера беше танчарка. Меѓутоа, имав неколку сериозни повреди и морав да престанам да танцувам.
Имав и настапи како професионална актерка во Њујорк, па така, размислував како да го поврзам светот што го знам со јазикот, глумата и движењата. Со години работев на тоа да комбинирам актерство и поезија, и открив колку се тоа различни медиуми, па открив дека најмногу сакам да работам со ритамот, тоа е основата, потоа со движењето, со тоа го освојуваш просторот. Поезијата, движењето и ритамот, создаваат невидена вибрација во просторот. Па почнав да си правам претстави. За време на мојата прва претстава соработував со една актерка Рафаела и мојата цел беше да создадам еден ентитет. Во тоа време бев многу исфрустрирана зашто не можев да танцувам како порано. Па таа задача ѝ ја оставав на Рафаела, а јас повеќе режирав и работев на звукот и на гласовната изведба. Учев како да го освојам просторот со мојот глас. Како да го истиснам танцувањето и како да освојам со јазикот и со гласот. Истражував за поезијата што се изведува во комбинација со движење, со години работев на тоа. Ова сега го нарекувам физичка поезија – вели Саливан.
Потоа таа почнала да соработува со музичари со кои креирала композиции за поезијата што се изведува.
– Пред седум години го затворив поглавјето со танцот, па се фокусирав на тоа да ја комбинирам мојата поезија со музика. Почнав да соработувам со многу добри џез-музичари, потоа составот се смени. Најчесто работиме на готова песна, па се креира музиката.
Имам одено на многу слем-натпревари, живеев во Њујорк седум години, одев во познати места каде што се одвиваа ваквите настани. Никогаш директно не тргна сѐ од слемот. Во мојот случај сѐ тргна од танцот и од музиката. За мене не е најважно она што е напишано на листот, поважно е другото. Токму затоа оваа поезија и ја нарекувам физичка поезија – вели поетесата.
Саливан вели дека забележува масовна употреба на поезијата во маркетиншки цели.
– Забележувам дека во последно време поезијата се користи масовно во маркетингот и не се согласувам што се случува тоа. Но од друга страна, тоа ги доближува младите до поезијата, луѓето сфаќаат дека не мора да бидат академски квалификувани за да се занимаваат со поезија – додава таа.


Промоции, изложби, поетско-музички перформанси, почнува „Поетскиот слем Македонија“

Националниот „Поетски слем Македонија“ годинава по 15-ти пат ќе се одржува во Прилеп и ќе трае од 9 до 12 октомври.
Литературната манифестација е во организација на Театарската работилница – Прилеп, а ќе се отвори на 9 октомври, во 20 часот, во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, со настанот наречен „Поетски двобој: Есенин vs Мајаковски“, во чии рамки ќе се одржи промоција на преводите на Славе Ѓорго Димоски. Првиот фестивалски ден во кафе-галеријата „Лувр“ ќе се отвори и изложба инсталација од мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш.
Оваа година, за титулата национален претставник ќе се натпреваруваат триесетина учесници и учеснички од различни возрасти и со уникатни стилови на изразување и творење, кои доаѓаат од цела Македонија, вклучително и од градовите Скопје, Прилеп, Битола, Куманово, Охрид и Велес. Повеќето се слем-ветеран(к)и, кои традиционално учествуваат на прилепскиот слем-настан, а оваа година публиката ќе има можност за првпат да запознае и многу нови имиња во слемот: Бобан Богатиновски, Валерија Дамчевска, Вероника Ризеска, Виктор Спасески, Горан Анчевски, Горазд Китановки-Кени, Далибор Ангеловски, Дамјана Видическа, Даница Лепојевиќ, Елена Јандреовски, Живко Грозданоски, Јован Лешев, Јулијана Маринковиќ, Лиле Јовановска, Марина Икономова Шокева, Ристо Иракоски, Славчо Ковилоски, Снежана Паноска, Соња Гаврилова, Стефанија Граовац, Тања Кузманоска, како и ланскиот победник Матеј Петров и организаторите Игор Трпчески и Елена Пренџова.
На 10 октомври, со почеток од 18 часот, во ревијалниот дел поетите ќе продефилираат низ центарот на Прилеп и ќе рецитираат поезија на повеќе локации, со што официјално ќе се отвори фестивалот. На дефилето ќе читаат Андреј Ал-Асади, Ѓоко Здравески, Марија Грубор, Матеј Петров, Гала Матевска, Андреј Анѓелковиќ, Игор Трпчески, Елена Пренџова и многу други.
Во киното „Мис Стон“, со почеток во 20.30 часот, ќе се одржи слем-полуфиналето.
Третиот фестивалски ден има најбогата програма, па настаните почнуваат напладне. Од 12 до 13 часот во галеријата НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп ќе се одржат работилница и промоција на „Еден маж и една жена, или како љубовта раздвојува светови. Интерактивна збирка поезија за креативно читање и пишување“ со Елена Пренџова. Потоа во кафето „Чоше“ ќе се одржи слем-кафе со диџеј Олд Скул Селектор.
Во кафулето „Тротоар“, со почеток во 18 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Ние сме Ева“ на Оливера Андоноска. Во 19 часот на истата локација ќе се одржи промоција на поетската книга „Небо трето“ на Ѓоко Здравески, на која со свој поетско-музички перформанс ќе настапат авторот, Дејан Спасовиќ и Перо Сарџоски.
Настаните продолжуваат на летната сцена НУЦК „Марко Цепенков“ со настап на специјалниот гостин од Белгија, Кевин Амсе, кој настапува во рамките на интернационалната програма. Слемерот Кевин Амсе, кој неколку години по ред бил финалист на Белгиското слем-првенство, ќе настапи на фламански и холандски јазик, а публиката ќе има можност да се запознае со неговите стихови благодарение на препевот на македонски на Ели Пујовска и на фондацијата „Фландерс Литрача“.
Финалето на 15. „Поетски слем“ ќе почне во 20.30 часот, а вечерта ќе заврши со концерт на „Пијан Славеј“.
На последниот фестивалски ден (12 октомври), учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец, каде што потоа ќе се одржи и поетско читање.
– Од 2011 до денес Театарската работилница – Прилеп има организирано повеќе од 20 поетски слем-натпревари, кои на ниво на Македонија имаа очигледна развојна и нагорна линија. Учествувале над 150 автори и сме имале повеќе од 15 специјални гости. Девет победници на „Поетски слем Македонија“ ја претставуваа Македонија на европските поетски слем-шампионати во: Стокхолм, Шведска, 2014 година – Афродита Николова; Лувен, Белгија, 2016 година – Елена Пренџова; Брисел, Белгија, 2017 година и Марибор, Словенија, 2020 година – Игор Трпчески; Будимпешта, Унгарија, 2018 година и Антверпен, Белгија, 2023 година – Марија Грубор; Брисел, 2021 година – Никола Дукоски; Рим, Италија, 2022 година – Горазд Кени Китановски; Кошице, Словачка, 2024 година – Миланчо Пендев.
Минатогодишниот победник Матеј Петров ќе присуствува на европското во Берлин, Германија. Театарската работилница – Прилеп од минатата година е официјален член на Светската поетска слем-организација и веќе две години е во преговори со цел Европскиот поетски слем-шампионат да се организира во Скопје, во годината кога Скопје ќе биде Европски град на културата – вели организаторот Игор Трпчески.
Годинашниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност и на Светското.
Во рамките на годинашниот „Поетски слем Македонија“ ќе бидат објавени и презентирани две книги: збирка поезија – „15 години Поетски слем Македонија“ и „Избор слем поезија“ од Кевин Амсе од Белгија, во препев на Ели Пујовска.
Дизајнот е на Владимир Лукаш.