Мирјанка Р. Селчанец, писателка
Мирјанка Р. Селчанец е македонска авторка, чие творештво има над 45 дела во сите книжевни жанрови. Родена е и цел живот живее во Прилеп, кој ѝ е вечна инспирација и најголема љубов. Нејзиното творештво е наградувано, преведувано и изведувано на театарските штици од бардовите на македонската театарска сцена. Ја посетивме во нејзиниот дом, во собата полна со книги и слики, каде што разговаравме долго, непосредно по прилепската промоција на нејзините најнови седум книги, објавени од 2019 до 2022 година.
Напишавте седум книги за четири години. Дали пишувањето за време на пандемија беше ваш начин на борба?
– Секоја вечер со солзи ги следев вестите за починатите, борбата и грижата на лекарите. Тие денови додека бевме затворени дома, слободното време го користев за создавање нови дела. Тоа беше мојот начин на бегство и на борба истовремено. Темите ме напаѓаа од сите страни. Прво го напишав романот „Прими ме, Господи“, тема поврзана со холокаустот. Потоа следуваше поемата „Необичен сон“, посветена на моите баба и дедо, кои починаа како последица на страдањата за време на Информбирото. Потоа ја објавив стихозбирката „Стариот нотес“ од случајно пронајдените песни напишани во гимназиските денови, па стихозбирката „Божја виделина“. Насловот го содржи омилениот збор „виделина“ на починат вујко Тошко. Потоа збирката раскази „Жолти чевли“, па двотомната автобиографска книга со наслов „Која сум?“, па збирката драми „Судбини“ и романот „Број 77“. Но не застанувам тука, имам еден готов роман и еден на кој моментално работам.
Кога за првпат кај себе ја препознавте дарбата за пишување?
– Во прво одделение ја добив малечката книшка „Стани Коле“ од Ванчо Николески. Толкупати ја прочитав и ја научив наизуст. Уште оттогаш рецитирав на разни приредби. Благодарение на песната „Чиста Дана“ научив што е стих, што е строфа, што е рима, што е ритам. На тоа ме учеше и мојот дедо Рампо, кој беше неук, но мудар човек и талентиран раскажувач. Тој ми ги раскажуваше приказните што нему лично му ги раскажал Марко Цепенко, кој пак едно време бил негов сосед. Во истата улица живеел и Димитар Талев, а по неговото пребегнување во Бугарија, во неговата куќа живееше сликарот Аче, кој ме научи да цртам графики. Уште во најраните години од детството пишував. Првите песни ми се објавени во „Титов пионер“, од родителите немав некое разбирање ниту особена поддршка, но немав ни пречки за да пишувам, да рецитирам, да глумам и да бидам водител на детска емисија на Радио Прилеп уште на десет години. Во „Нова Македонија“, која дома се читаше редовно, се појави додатокот за деца „Колибри“. Таму ја објавија мојата песничка „Врапче“.
Релативно доцна почнавте да ги објавувате делата, зошто?
– Воопшто немав самодоверба во однос на творештвото и никогаш не мислев да објавувам, иако цел живот пишував и сѐ уште пишувам, затоа и толку доцна влегов во македонската литература, дури во 1990-тите. Пресвртот се случи откако Виолета Аларова ги прочита моите приказни за деца и рече дека секако морам да ги објавам. Ме упати кон учебникарката Даринка Јанушева и така, во илјаден тираж, беше отпечатена мојата прва книга „Приказните за Марко“, која мигновено се раздаде и распродаде. Инаку, мојата поддршка за сето ова време е мојот животен сопатник Ристо Ристески, кој е прв читател на она што го пишувам.
Во кој жанр најмногу се пронаоѓате?
– Јас сум насекаде. Кога пишувам роман, јас сум во романот, кога пишувам расказ, јас сум внесена во расказот, песни пишувам мигновено. Темите сами ме напаѓаат. Ноќе од сон ме будат и морам да седнам и да пишувам. Почнувам и мислата тече како порој. Јас мислам дека во мене живее некое недоискажано суштество, кое се изразува преку мене. Тоа пишува, а не јас. Јас не сум јас кога пишувам, особено романи.
Вистина ли е дека ваша неостварена желба е да станете актерка?
– Магијата на театарот ме обзеде со првата изгледана оперета „Мамзел Нитуш“, во која Живка Лабетиќ и пееше и глумеше. Кога отидов дома, јас си направив своја претстава. Ставив чаршафи во дворот, ги собрав децата и мајките од маалото и глумев и пеев пред нив. Така растев и сонував да бидам актерка. Кога дојде време да одлучам што ќе студирам, јас сакав да студирам глума. Но мајка ми не го дозволи тоа. Се запишав на Педагошката академија, потоа дипломирав на Филолошкиот факултет, македонски и англиски јазик, а подоцна дипломирав на Правниот факултет. Изнапишав многу монодрами, дуодрами и драми. За разлика од монодрамите и дуодрамите, досега не сум се осмелила да објавам ниту една драма ниту да му ја понудам на некој режисер. А со монодрамите и дуододрамите доживеав блескави мигови. Монодрамскиот текст „Чекајќи го Илко“, актерот Мите Грозданов го изведе над 300 пати, а го играше и Ацо Видиков-Лавот. Потоа дуодрамата „Сестри“ ја изведуваа Сабина Ајрула Тозија и Снежана Стамеска, монодрамата „Пауна“ ја изведе Снежана Стамеска, па дуодрамата „Вампири“, која под името „Духови“ ја изведуваа Шенка и Ѓорѓи Колозови. Сара Марковска со „Пауна“ ја доби наградата „Млада Европа“ за најдобар млад актер на интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ во Ресен.
Прилеп како тема најмногу доминира во вашите романи „Гена“, „Маргарита“ и „Анка“ од трилогијата „Прилепчанки“, но го има низ сите ваши дела…
– Да пишувам романи ме охрабри почитуваниот Коле Чашуле, откако ги прочитал моите хумористично-сатирични цртички во прилепскиот весник „Народен глас“. Така, од тие цртички, настана романот „Гена“. Откако го прочита Чашуле, го пофали моето пишување и така ми даде ветар во грбот, па следуваше „Маргарита“, па „Анка“… Прилеп го носам секаде и низ мојот живот и низ моето творештво. Веројатно не постои град во светов кому му се посветени толку романи. Но болка ми е на душава кога ќе погледнам во каква состојба е културата во Прилеп. Ако младите не преземат нешто, ќе пропадне сѐ што е создавано со години. А во Прилеп, и пирејот што расте од каменот е култура.