„Скопски солисти“ – 25 години уметничка дејност

Деновиве имавме можност да го проследиме јубилејниот концерт на камерниот оркестар „Скопски солисти“ по повод 25 години уметничка дејност. Во овие денови кога сѐ уште се чувствуваат негативни вибрации од немилиот настан што ни се случи, овој концерт како да ни овозможи една пријатна релаксација со одличен музички избор. Концертот започна како што доликува во такви околности, со обраќање на уметничкиот раководител Васил Атанасов по повод јубилејот, со акцент на работењето во изминатите години и предизвици и со посебен осврт на уметничката и кадровска екипираност. Тој потсети дека „Скопски солисти“ е оформен во далечната 2000 година по негова идеја и поддршка од неколку негови колеги, истомисленици, и група млади талентирани уметници желни за настапи и докажување.
– Многу сме горди што во изминатите години во оркестарот членуваа и соработувавме со многу квалитетни млади уметници, кои прераснаа во одлични оркестарски музичари, некои од нив станаа и водачи на поединечни групи на оркестарот на филхармонијата и операта, други станаа солисти, некои професори и педагози, секој успеа да добие шанса и да го најде својот пат. Тоа за нас претставува најголемата радост. Минатата година имавме успешна соработка со италијанска асоцијација „Музика инсјеме“, која покани неколку наши млади уметници да учествуваат во меѓународниот оркестар во Италија и реализираа неколку концерти, а потоа и на турнејата по Балканот со истиот оркестар настапија и во Скопје во Музејот на македонска борба, каде што публиката уживаше во нивните изведби – рече Атанасов.
Тој истакна дека со „Скопски солисти“ во изминатите 25 години настапуваа најдобрите македонски солисти, плејада соло-пејачи, пијанисти, виолинисти, различни инструменталисти и хорови, изведувајќи разновидни дела и композиции, премиерни дела од светската ризници, но премиерно и македонски автори. Оркестарот настапувал во земјава и во странство на разни манифестации и фестивали, како и на гостувања во Србија и Бугарија, и остварени се три компакт-диска во сопствена реализација од концерти во живо, што го потенцира квалитетот на изведбите. За своите настапи секогаш добивале позитивни осврти и рецензии, што особено им импонира.

Потоа во чест на јубилејот беа доделени признанија, благодарници и плакети на долгогодишни бивши и сегашни членови на оркестарот, како и на повеќе институции. По своето обраќање, Атанасов го покани маестро Митревски да го отвори концертот, кој започна со прекрасната музика од Чајковски, „Анданте кантабиле“, нежна мелодија со преубав звук на оркестарот, усогласено и суптилно, што ја направи атмосферата апсолутна космичка за слушање. Потоа следуваше полетниот, мелодичен и виртуозен Вивалди со неговата Симфонија во Це–дур РВ116, која оркестарот ја изведе буквално во еден здив, а музичарите беа наградени со долготрајни аплаузи од публиката. Следуваше настап на баритонот Борис Трајанов, музичката гордост на македонската вокална култура, изведувајќи ја аријата „Ла фаворита“ од Доницети, со ретка гласовна импозантност и сценска експресивност. По неговиот настап беше изведена композицијата од В.Херберт, „Aufzug и Polonaise“, од неговата серенада за гудачи, една нова прекрасна и воодушевувачка композиција, која беше премиерна изведба. Следуваше уште една романтична и лефтерно мелодична композиција „Impromptu“ од извонредниот Ј. Сибелиус, за потоа повторно на сцената да настапи Борис Трајанов, со извонредната македонска фолклорна тема „Си заљубив“, која ја изведе со голема маестрална креација и емоции, на што публиката реагираше со бурни и долготрајни аплаузи! Во завршниот дел на програмата „Скопски солисти“ го изведоа делото од Б. Барток, „Романски танци“, базирано на теми од романскиот фолклор, како што иницира и насловот. Тоа беше музичка разгледница доловена на сугестивен и експониран начин, особено од концерт-мајсторот Даниел Лазаревски, уметник што го истакна прецизниот изведувачки манир, за што тој и колегите беа искрено наградени со аплаузи од присутните во салата.
Во самото финале на концертот повторно настапи маестро Трајанов, изведувајќи ја легендарната македонска бисер песна „Кога падна на Пирина“, која ja изведе со маестрална креација, емоции и артизам, по што атмосферата се крена до највисоко ниво, речиси целата публика се крена на нозе и аплаудираше бурно, извикувајќи „браво, браво маестро“! Со аплауз беше поздравен и Дарко Мариновски, музичарот што ги направи аранжманите за овие песни. Маестро Виктор Митревски, елегантно со одлична мануелна техника и ведар однос кон оркестарот и публиката, извонредно и лежерно го водеше целиот концерт, со убави диригентски манири и потенцијал за успешна кариера понатаму. Ова беше навистина празнична вечер не само за „Скопски солисти“ и публиката туку и за сите нас. Им го честитаме јубилејот и им посакуваме успех и понатаму.

Јове Јордев