Разговор со Роберт Јанкулоски, фотограф и универзитетски професор
Според Енди Ворхол, најдобар факт за фотографиите е тоа што тие никогаш не се менуваат, дури и кога личностите на истите ќе се променат. Дури и кога истите личности не ќе бидат живи, дури и кога настаните и моментите ќе избледат, фотографијата останува како трајно сведоштво за уловениот миг кој станува вечност. Од тука, освен уметност, фотографијата е и документ. За пасијата кон фотографијата, за пренесувањето на знаењето и љубовта за истата, за наградите и за уметноста воопшто, но и за вреднувањето и состојбите на фотографијата во Македонија, разговараме со фотографот и универзитетски професор Роберт Јанкулоски.
ФОТОГРАФИЈАТА Е ДЕЛ ОД МЕНЕ
Јанкулоски е роден во Прилеп, а со фотографија почнал да се занимава уште во средношколските денови. Дипломирал на факултетот за Драмски уметности во Скопје на катедрата по камера, а магистрирал на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк. Досега реалзирал 42 самостојни и голем број групни изложби низ Македонија и низ светот. Во 2022 заедно со Моника Мотеска беа национални претставнции на 59 Венециско биенале, а носител е на титулата Витез од областа на уметноста и книжевноста доделена од Министерството за култура на Франција. Добитник е на државната наградата „23 Октомври“ во 2023 година. Редовен професор е на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје. Повод за нашиот разговор е неодамнешното добивање на наградата „Златна рамка“ која на Роберт Јанкулоски му ја доделу Друштвото на филмски работници на Македонија, како и работилниците во рамки на проектот „Приказни под мостот“ што ги реалзираше летово.
Јанкулоски вели дека, без разлика што фотографира, за него е важен контекстот и пораката што сака да ја пренесе преку фотографиите.
– Секојдневното користење на фотоапаратот и следењето на светлосните промени во прилепскиот пејзаж направија фотографијата да стане дел од мене. Долго време се знимавам со фотографија така што имам обработувано најразлични теми, различи жанрови, ликови, места. Без разлика што фотографирам важен е контекстот, пораката што сакам да ја пренесам преку тие фотографии – вели Јанкулоски.

ФОТОГРАФСКАТА ТЕХНИКА Е СРЕДСТВО, А НЕ ЦЕЛ
Каков кадар ќе биде „уловен“ зависи од идејата односно од она што се обработува во тој момент.
– Ако имате јасна идеја фотографиите сами се појавуваат. Многу е важно да не „трчате“ по убави фотографии. Такви има премногу и најчесто се безвредни – појаснува Јанкулоски.
Неговото долгогодишно искуство Роберт Јанкулоски им го пренесува на своите студенти, како редовен професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
– Моите студенти сакам да ги научам визуелно да размислуваат. Своите идеи да ги пренесат преку фотографијата. Да бидат темелни, јасни во изразот и пред сè запознаени со историјата на фотографијата/уметноста. Фотографската техника и дигиталните алатки да им бидат средство, а не цел – вели тој.
По значајните домашни и меѓународни награди, од неодамна Јанкулоски е носител и на наградата „Златна рамка“. За Јанкулоски, без разлика од каде доаѓаат наградите предизвикуваат убаво чувство.
– Тие се нешто како потсетник дека некој ја следи и вреднува нашата работа. „Златна рамка“ ми е посебно драга затоа што доаѓа од страна на моите колеги. Тоа е награда што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија и е награда за целосната посветеност кон филмот и филмската уметност, а не само за одредено дело – вели Јанкуловски.

КАМЕНИОТ МОСТ-СИМБОЛ НА КУЛТУРНО ПОВРЗУВАЊЕ
Јанкулоски заедно со уметницата Моника Мотеска реалзирааа четири работилници во рамки на проектот „Приказни од мостот“.
Овие работилници се дел од меѓународниот проект „Споделени хоризонти“ што се работи во шест балкански држави.
– Јас и Моника сме избрани за експерти од Македонија. На работилниците учествуваа дваесетина млади луѓе со коишто работевме на теми поврзани со културното наследство, уметноста, помирувањето, визуелното раскажување и слично, а Камениот мост во Скопје беше избран како појдовна точка, односно објект преку кој учесниците креативно се изразуваа. Мостот не беше третиран само како архитектонска градба што поврзува два брега, туку како симбол на поврзување на повеќе култури – раскажува Јанкулоски.
Најуспешните дела ќе бидат прикажани во април следната година на изложба во Скопје, а трите најдобри ќе бидат презентирани на заедничкиот настан што ќе се одржи во Мостар, Босна и Херцеговина во јуни следната година.
За Роберт Јанкулоски, не постои остра црта меѓу професијата и неговото хоби.
За него фотографијата е и едното и другото.
– Во мојов случај професијата и хобито се поврзани. Иако главен медиум кој го користам е фотографијата, јас користам и видео, инсталација, правам документарни филмови, истражувам и презентирам стара фотографија така што во сето ова уживам како да ми е хоби, а се посветувам сериозно како да ми е професија. Ако не бев фотограф сепак ќе се занимавав со дејност поврзана со уметноста – објаснува фотографот.
Според Јанкулоски, во Македонија односот кон фотографијата е како и кон сè друго.
– Подолго време фотографијата е рамноправна со другите визуелни медиуми, се изложува во македонските галерии и музеи. Фотографски дела учествуваат на светски манифестации. А, институционалната грижа за старите фотографии е на релативно ниско ниво. Во Македонија не постои ниту една државна институција која посеризно се занимава со фотографија – подвлекува тој.

МЕ ИНСПИРИРА „ЖОЛТИОТ ХЕЛИКОПТЕР“ НА УРОШЕВИЌ
Роберт Јанкулоски досега изложувал во Скопје, Прилеп, Битола, Белград, Нови Сад, Виена, Њујорк, Истанбул, Брисел, Венеција, Варшава, Загреб, Панчево, Париз, Рим, Пловдив, Лион, Ротердам…Тој својата уметничка креативност досега ја презентирал преку разни уметнички форми, па освен како автор на уметничка фотографија, се јавува како режисер и продуцент на документарни филмови, директор на фотографија на кратки, документарни и играни филмови. Како директор на фотографија се јавува во долгометражниот филм „Ах љубов моја“ во режија на Коле Ангеловски, а Јанкулоски е режисер и на документарниот филм „Манаки-приказна во слики“ награден за најдобар документарен филм на Меѓународниот филсмки фестивал СЕЕАПАРИЗ (SEEAPARIS) во Франција, во 2019 година.
Меѓу другото, тој инспирација пронаоѓа и во книжевноста. Како што нѝ откри, за него посебна инспирација е поезијата на македонскиот поет Влада Урошевиќ.
– Многу книжевни дела би можел да ги видам како кадар. Ако треба да изберам, тоа можеби би бил расказот „Жолтиот хеликоптер“ од Влада Урошевиќ од збирката „Седмата страна на коцката“. Мислам дека филмски е инспиративен особено во овие летни горештини. А и целокупното творештво на Урошевиќ личи на сцени од некои надреални филмови – смета Роберт Јанкулоски.
Токму, актуелниот документарен филм „Ветената земја“ во режија на Ќендрим Ријани чиј директор на фотографија е Роберт Јанкулоски, инспириран е од книгата „Мојот живот под нацистичка окупација – Мемоари на Мими Камхи Ергас – Фараџи“.
„Ветена земја“ македонска премиера имаше на 7 мај годинава, а во јули ја доживеа својата меѓународна премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Приштина, „ПриФест“ (PriFest) каде се закити со награда од публиката која е единствена награда за документарен филм што се доделува на фестивалот.