Сеќавања и љубов за музичката ѕвезда, црвени рози за ултрамаратонците
Со црвени рози на Гумење во Крушево беа пречекани 13-те маратонци, кои по 16-ти пат го трчаа маратонот во чест и за љубов на најголемата македонска и балканска ѕвезда Тоше Проески. Тоше загина на 16 октомври во 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска од каде маратонците го почнаа својот маратон, па преку Македонија низ Крушево до неговото вечно почивалиште на Гумење.
– Ова е за Тоше, нашиот ангел, за најсаканата личност во нашава држава. Ова е 16-та година без нашиот ангел и 16-ти ултрамаратон. Синоќа на Плетвар и дожд и ветер, ама денот во Крушево нѐ огреа сонце, како што тоа го правеше нашиот Тоше. Ова е малку што го правиме за големиот човек со уште поголемо срце за сите нас. Затоа го носиме во срцето – изјави маратонецот Наум Капричевски.
Тој и 12-те маратонци извикуваа за кого го прават тоа со одговор дека е за Тоше.
– Тргнавме од Нова Градишка, Хрватска. Таму поминавме 198 километри. Потоа стартувавме на граничниот премин Табановце за денеска напладне да стигнеме во Крушево. Низ Македонија поминавме 220 километри. На Гумење се поклонуваме на вечното почивалиште на Тоше. Годинава имаме неколку нови маратоци и секоја чест на сите. Само за нашиот ангел Тоше, кој е и љубов – рече маратонецот Никола Геов.
Во спомен-куќата на Тоше, каде се 360 експонати и која за 12 години ја посетиле над еден милион гости, беше отворена знаковна изложба и за слепите лица да можат да ја доживеат поставката.
-Тажни сме без Тоше Проески. Неизмерни се и болката и спомените, посебно во оваа куќа на сеќавања. За првпат преку тактилна изложба и со Браевото писмо им е овозможено на слепите лица да може да ја доживеат поставката и со раката да поминат по ликот на Тоше и да може да го помилуваат. Избрани се повеќе такви фотографии: на неговиот лик, на манастирот „Свето Преображение“, на облеката што ја носеше на Евровизија, на Мајката Божја, на неговите омилени гитари. Располагаме со околу 500 експонати, главно од семејството Проески, а изложени се 360. Другите се во депото и често ја обновуваме и менуваме поставката, изјави Лефкија Гажоска, директорка на спомен-куќата Тодор Проески.
Фановите и бројните почитувачи на делото на Тоше и денеска беа на Гумење. Ги имаше од Македонија и од други земји.
– Доаѓам веќе 15 години. Секогаш се трудам да бида тука, и на 16 октомври и на 25 јануари. Многу ми значи, за сите мои животни случувања. Јас ќе доаѓам секогаш и така ќе биде – рече Бруна од Загреб, Хрватска.
Идејата веќе шеста година да се пречекуваат маратонците со црвени рози е на учениците од крушевското средно училиште „Наум Наумоски-Борче“. Тие на Гумење ги пеат и песните на Тоше, потсетувајќи дека сите генерации ги знаат.