Фото: З.А.

Синоќа во ликовниот салон од Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево беше отворена изложбата на Коста Галиманоски со работен наслов „Балканот низ времето“. На изложбата беа претставени поголем број автентични бакарни штитови какви што користеле воините во средниот век, како и репродукции на пари што се користеле уште во времето на антиката. Тој најави збогатување на изработките кои ќе бидат претставени на следните изложби со шлемови, мечеви и амблеми, а посакува и создавање на музеј, во кој ќе биде сместен овој опус уникатен според сите карактеристики.

-На почетокот ми се причинуваше дека изработувањето на бакарни штитови и пари ќе биде многу лесно, но се испостави дека е доста макотрпна работа. Токму тешкотиите на кои наидував при изработката на овие бакарни предмети, го одложи почетокот на изложбата за неколку месеци. Изработката на штитовите е макотрпна работа бара целосна посветеност, затоа што се работи за гравура на парче бакар тешко седум килограми. Сметам дека изработката на овие штитови е вистинска уметност, бидејќи со чекан и наковална ќе можете да обликувате вакви форми. Откако ги совладав тајните во изработка на овие предмети, во наредниот период ќе посветам поголемо внимание за збогатување на оваа колекција, по која сметам дека ќе бидам единствен во републикава – рече Галиманоски, инжинер металург по струка, целосно посветен во продолжување на семејната традиција во казанчиството и обработка на бакарот. З.А.

Фото: З.А.