Вчеравечер во Македонскиот КИЦ во Загреб беше отворена изложбата „Со и без“ на Марија Сотировска Богдановска, која нуди плодна почва за феминистичка теоретска интерпретација, особено во тоа како се осврнува на често невидливите и потценети аспекти на трудот – финансиски и емоционален – кои ги погодуваат жените во сѐ уште патријархално доминантните семејства на Балканот.
Изложбата ја отвори директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, која истакна дека, „Со и без“ е интерактивна инсталација што инсистира на активен гледач и учесник во релација со аспектите на рутината на дневниците и архивите што нѐ соочуваат со поголемите универзални проблеми на родовата нееднаквост и економската зависност.
– Во целост, „Со и без“ на Сотировска може да се гледа како феминистичка критика на невидливите структури што ги дефинираат животите на жените. Со тоа што ги прави видливи линиите, циклусите и невидливите натписи што ги структурираат просторите на инсталацијата, таа ги кани гледачите да размислат како истите тие сили дејствуваат во животот на жените, често незабележано и непризнаено. Инсталацијата се усогласува со целта на феминистичката теорија за разоткривање и предизвикување на скриената динамика на моќта, трудот и емоционалниот товар што непропорционално влијае на жените и во јавната и во приватната сфера – истакнува кураторката на изложбата д-р Ана Франговска.
Марија Сотировска Богдановска е дипломирана сликарка со реставрација и конзервација, а потоа се стекнува со научното звање магистер по ликовни уметности од областа сликарство, на темата „Артифициелноста на Маријола“, под менторство на проф. Благоја Маневски, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. На истиот факултет станува доцентка на за сликарство и трансмедиумски практики.
Има реализирано голем број самостојни и групни изложби во Македонија и во странство – Куманово, Скопје, Струмица, Берлин, Софија, Белград, Гнилане, Подгорица, Загреб,Сплит, Прага, Москва, Пекинг и други.
Изложбата „Со и без“ на Марија Сотировска Богдановска е поддржана од Министерството за култура и туризам, а во Македонскиот КИЦ во Загреб ќе биде поставена до 16 ноември, каде што сите заинтересирани љубители ќе можат да ја погледнат во присуство на авторката.