Ден пред почнувањето на празнувањето на големиот христијански празник Велигден -Воскресение Христово синоќа во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци беше отворена традиционалната „Велигденска изложба на ракотворби“ која во себе ги обединува традицијата, уметноста и духовноста преку дела на креативци од сите генерации.
Публиката имаше можност да види рачно изработени и украсени велигденски јајца, венци, икони, свеќи, филиграни, слики, везови, плетени ракотворби, народни носии како сведоштво на минатото поврзано со велигденските празници.



Централно место на изложбата имаа и детските цртежи со велигденски теми и плетени ракотворби од малите детски раце, потоа скутините исткаени на разбој од младиот Петар Јованов и дел од колекцијата на народни носии на Сашко Василевски кои се обидоа да ја на претстават традиционалната облека која се носела на празникот Велигден.
Наспроти традицијата видовме и модерна креација на модниот дизајнер Пане Хаџи Василев како прекрасните велигденски декорации и ракотворби на членовите на здружението „Нова Цивиста“ и активните пензионерки од Здружението на пензионери на Кавадарци.
За Марина Убавкова претседател на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци која исто така беше вклучена во организацијата на изложбата, овој настан претставува своевидно вдахновение и потсетување на вистинските вреднос:


– Да ја негуваме културата и да го пренесуваме духот на Велигден не само во празничните денови туку, во секојдневието. Оваа изложба воедно е израз на љубовта кон нашата култура и традиција, на креативноста што не познава возраст и на уметноста која обединува. Со оваа изложба ние не само што го прославуваме Велигден, туку ја славиме живата душа на нашиот народ, неговата духовност, неговата љубов кон убавото, неговата потреба да создава, да пренесува , да споделува. Секој венец, секое рачно обоено јајце, секоја свеќа, секое платно и вез, секоја народна носија и секој детски цртеже всушност е молитва изразена преку рацете. Тие не се само украси- тие се зборови без говор, меморија преточена во форма и боја, и доказ дека културата живее таму каде што има срце и неуморен дух кој ја негува – додаде Марина Убавкова на отворањето на изложбата .
М.М