Кинотеката на Македонија во мај
Акцент и посебна тематска целина посветена на великанот на седмата уметност, нашиот филмски автор Столе Попов, ќе биде ставен на мајската програма на Кинотеката на Македонија. Годинава битната кинотечна награда „златниот објектив“ ќе му биде доделена на Столе Стојан Попов, режисер, сценарист, продуцент и автор, кој во голема мера ја задолжи националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на седмата уметност и филмското образование. Репертоарот е објавен на веб-страницата на Кинотеката.
– Режисерот Попов ќе биде официјално присутен на самата церемонија, а присутните филмски работници ќе имаат можност да проследат темелна анализа и осврт за и околу неговото творештво. На големото платно во киносалата повторно ќе може да се видат клучните остварувања со неговиот режисерски потпис – документарните филмови: „Оган“, „Дае“, „Австралија, Австралија“, како и веќе антологиските играни филмови: „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“. Во рамките на циклусов ќе биде прикажан и македонскиот револуционерен вестерн-проект „До балчак“, реализиран по сценарио на легендата на македонската театарска и филмска драматургија Горан Стефановски. Во 1970-тите години македонската филмска продукција добива нов импулс со појавата на една нова авторска генерација. Суштината на оваа појава беше како веќе воспоставените традиционални вредности во македонскиот филм да не бидат само фактографска придобивка туку да се надградат со едно ново, естетско значење. Столе Попов претставува исклучителен пример за горенаведеното – велат од Кинотеката.
Столе Попов е роден во 1950 година, во Скопје, Македонија, дипломирал филмска режија на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Од 1978 до 1988 година работи како режисер во „Вардар филм“, а од 1985 до 1986 година ја врши должноста директор на филмската куќа. Од 1989 година работи како професор по филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје и е раководител на катедрата по филмска режија. Од 1997 година е член на Европската филмска академија. Добитник е на повеќе од 50 врвни европски и светски филмски награди и признанија, од кои посебно се издвојуваат осумте гранприја на разни интернационални фестивали и двете номинации за „оскар“ на Американската академија и „феликс“ на Европската филмска академија. Столе Попов беше номиниран за наградата „оскар“ на Американската филмска академија за најдобар краткометражен документарен филм со „Дае“ во 1979 г.
– Домашната киносцена ќе биде претставена и преку ретроспективна проекција на кратки форми. Филмофилите ќе бидат во можност повторно да ги видат филмовите потпишани од етаблираните дејци Кочо Недков и Дарко Марковиќ, а ќе биде прикажан и краткиот филм „Влакна“, по сценарио и во режија на Елеонора Венинова. На менито на Кинотека, месецов се наоѓа и промоцијата на новиот филм потпишан од францускиот кинопровокатор Франсоа Озон. Се работи за еден навистина интересен постмодерен осврт и своевиден римејк на делата потпишани и креирани од легендата на германскиот нов бран Рајнер Вернер Фасбиндер. Ако имате дилема дали да го поминувате своето слободно време во салата на Кинотеката или, пак, надвор, на убавото време, не двоумете се. Има време и за едното и за другото. Но, секако, не смее да се изостави понуденото, подготвеното програмско мени на Кинотеката, кое месецов е особено богато и значајно – порачуваат оттаму. В.Д.