- Жанровски сум работел на многу проекти и тоа ме исполнува, но сепак не можам да побегнам од себе. Секогаш го свирам и го креирам она што го чувствувам и сакам да го кажам во дадениот момент.
- Музиката што ја свириме со „Бадмингтонс“ е вонвременска и оригинална. Таа е производ на тројца музичари кои имаат посебен пристап и се оригинални во начинот на свирење и на креирање на песните.
Владимир Петровски-Картер е присутен во македонската јавност четириесетина години како музичар, композитор, лидер на неколку алтернативни и рок групи, меѓу кои е и „Бадмингтонс“, чиј нов албум во моментот се снима во неговото студио „Макотон“. Филмот е исто така негова голема страст, па како снимател, режисер и телевизиски и филмски продуцент, реализирал бројни проекти, од кои повеќето се наградени со меѓународни признанија. Вели дека никогаш не се откажува од она што го замислил и досега речиси секогаш наоѓа начин тоа и да го оствари.

Четириесетина години сте дел од македонската музичка сцена, како некој што оставил траен печат. Кога ќе погледнете назад, какво е чувството?
– Кога ќе се сетам што сè поминав во животот, позитивно и негативно, не ми се верува – како да сум преживеал три животи, и немам намера да застанам. Судбина, така било пишано. Искрено, на минатото гледам повеќе како на животно искуство, затоа што тој што работи – и греши. Се трудам, ако можам, да не ги повторувам грешките, затоа што човек се учи додека е жив. Што сакам да кажам со оваа мисла, најдобро е опишано во стиховите од песната „Одам“:
„Секогаш сум тука негде, од почеток сè пак,
и пак во мене немир – ќе можам или не,
почнувам, нешта немаат почеток ни крај,
знам како не треба, а правам исто пак.
И јас одам по овој пат,
и јас одам, но не знам кај,
и јас одам – следи ме,
и јас одам, сакаш или не.
Одам…“
Што претставува за вас поимот рокенрол?
– Дефинитивно, самиот поим рокенрол за мене претставува стил на живот, начин на размислување, решавање на секојдневните проблеми… А зошто го велам ова? Затоа што јас ја гледам чашата полуполна. Реалниот живот е голема енигма и секој ден добиваш и губиш – еден ден си горе, друг ден долу, проблеми колку сакаш… Според ова, поарно е да се смеам отколку да плачам. Со еден збор – тоа е рокенрол.

Секој има свој животен сон. Дали вие го остваривте својот на професионален план?
– Животен сон? Обично се вели: „Имав животен сон, ама не ми се оствари, па сега го работам тоа што морам.“ Во мојот случај, уште како дете знаев дека сакам да се занимавам со музика и филм. Иако за да преживеам имам работено сè и сешто, сепак – дали е тоа животен сон или не, не знам. Знам само дека сакам да го работам тоа и дека моја професија е музичката и филмската дејност.
Почнав да учам да свирам инструмент на седум–осум години, прво на пијано, но бргу се префрлив на гитара и се случи нешто чудно. Само што ги научив базичните акорди, наместо да свирам познати песни, мене ми беше полесно да измислам своја мелодија, да напишам текст и да направам своја песна. На почетокот не знаев што е тоа, ама го правев. Дури подоцна разбрав дека всушност сè зависи од тоа како Господ ќе те „бапне“ со мокра чорапа – или културно кажано, за што имаш талент. Сфатив дека сум композитор и оттогаш до денес свирам и компонирам своја оригинална музика.
Патот до успехот не е лесен – нонстоп проби по подруми, свириш секаде каде што ќе ти се укаже можност, многу непроспиени ноќи со правење музика… Ќе отсвириш лош концерт – болен си со денови, ќе отсвириш добар концерт – леташ во воздух. Но, најважно од сè е кога ќе се погодат сите коцки и кога луѓето ќе ги засакаат песните што ги свириш и ќе ги пеат со тебе на концерт. Некои од нив стануваат хитови што луѓето ги сакаат, ги слушаат и стануваат дел од нивниот живот. Нормално, и кога Македонската филхармонија ќе обработи и отсвири твое дело – тоа е голема чест и потврда за она што го работиш и создаваш.
Колку се сменија вашите музички ориентации со текот на годините, или уште сте во својот музички филм?
– Нормално е да еволуираш и да истражуваш. Обожавам да експериментирам и да правам музика, па и да не е мој фах. Уживам да свирам и да креирам. Жанровски сум работел на многу проекти и тоа ме исполнува, но сепак не можам да побегнам од себе. Секогаш го свирам и го креирам она што го чувствувам и сакам да го кажам во дадениот момент.

Го спомнавме филмот – она од кое живеете, заработувате, истражувате… Како се најдовте во овие креативни води?
– Мојата најголема пасија по музиката е филмот. Како дете живеев во населбата Кисела Вода и се сеќавам, уште кога бев трето одделение, на 50-тина метри од мојата зграда – од десно беше влезот од училишниот двор, а од лево беше киното „Кисела Вода“. Прво одев да видам кој филм игра во киното, а потоа одев на училиште. Филмовите се менуваа во понеделник и во четврток, па така најмалку двапати неделно одев на кино. Доколку некој филм ми се допаднеше, го гледав секој ден додека беше на репертоар. Тогаш немаше рестрикции за тоа колку години имаш за да гледаш било кој жанр на филм, па можев да ги гледам сите.
Магијата што ја доживував додека ги гледав подвижните слики на платно – тогаш, па и сега – за мене беше нешто што ме обземаше целосно. Едноставно, за време на траењето на филмот си надвор од реалноста, во некој друг свет си, каде за момент ги забораваш сите проблеми и уживаш во приказната што визуелно се случува пред тебе. Го засакав и документарниот филм, фасциниран од можноста да го регистрираш реалниот живот и она што се случува околу тебе. Па, доколку е добро склопен, останува како трајно сведоштво за едно време и простор.
Ќе ни откриете ли како се создава еден филм?
– Правењето филм е исто како и компонирање музика – песна. Треба да се раскаже приказна, со тоа што филмот е ултимативна уметност затоа што содржи и визуализација на настанот. Има варијации на пристапи како може да се раскаже приказната, но во основа – како и една мелодија – филмот треба да има вовед, развој, кулминација и крај.
Кога почнав да компонирам песни и да пишувам текстови, почнав да пишувам и кратки стории – еден вид сценарија – во кои раскажував некоја случка, со идеја некогаш да ги оживеам на филмска лента.
Јас го изучив филмскиот занает на неконвенционален начин – со потрага по стручна литература што можев да ја најдам од било кој режисер, камерман, сценарист – кои го објаснуваат начинот како се работи со актери, како функционира камерата, како сценариото да се преточи во филм.
Како тинејџер киснев во МРТВ и кога имаше снимања, бев ангажиран како статист со некоја мала улога, но најважно ми беше внимателно да гледам како работат камерманите. Имаше и монитори во студиото, па можев да следам и што се снима и како е поставена камерата. Се сеќавам, имаше еден камерман кој работеше со подвижна камера – од рамо и од рака. Кога го гледав што прави, тоа ми личеше на рапсодија, бидејќи со леснотија правеше подвижни кадри кои ги обожував. Поради него, подоцна специјално експериментирав со подвижна камера од рака и ми стана дел од начинот на кадрирање и филмување на филмовите на кои работев.
Во 1980-те години разговарав со некои од филмските режисери со идеја да направиме заедно некој откачен филм, но секогаш одговорот беше дека тоа не е така лесно, тука има многу пречки, оти тоа е тешко остварливо, не може… Но, за мене одговорот „не може“ не значи ништо, затоа што ако нешто замислам – морам да го направам, па што сака нека биде. А како? Ќе најдам начин – кога-тогаш.

Кога работите тргнаа по нагорна линија?
– Пресвртот се случи на почетокот на 1990-те години. Бев извесен период во Германија и работев во музичко студио, а нешто работевме и со камери. Кога се вратив, донесов комплетна аудио студиска опрема. Кога било пишано – се случи. Се сретнав со човек на моја фреквенција, кој многу го сакам – Ацо Станковски, сликар и режисер. Следните две години работев на играниот филм „Маклабас“, по сценарио на Ацо. Правев сè – од глума до тегнење опрема, поставување сетови и сè што беше потребно. Кога завршивме со снимањето, шест месеци и повеќе работевме на постпродукција, каде се правеше тонска обработка, звучни ефекти, надсинхронизација, музика за филмот… Уживав во секоја секунда додека работевме, и кога конечно го гледавме филмот во кино сала – бев пресреќен. Сето ова за мене беше како дипломска работа. Не велат попусто: „Кога ќе те апне филмската бубачка – нема враќање назад.“
Веднаш потоа купив професионална камера и друга опрема за монтажа. Прочитав многу дебели книги и потрошив многу време за да ја совладам техниката – како се работи во пракса. Почнав да режирам, да снимам и да монтирам музички видео спотови и понекоја ТВ реклама. Почнав да работам и на документарци – четири години по ред правев филмови за случувањата на „Независниот ТВ фестивал во Крушево“. Работев на вториот игран филм на Ацо Станковски „Самит на Шаманите“, на играниот филм „Судијата“ на сликарката Жанета Вангели, го монтирав документарецот „Каменот тежи на своето место“ на режисерот Љупчо Тозија, со кого имав прекрасна дружба. Со театарскиот режисер Сашо Миленковски работев на претставата „Долу Влада“, за која направив арт видео и анимации, кои додека претставата се играше на сцена, се проектираа во позадина на филмско платно. Со Сашо направивме и еден прекрасен документарец – „Големиот град“, филм за змискиот остров во Преспа. Неколку години по ред ги снимав и премиерите на претставите во Драмски и во МНТ, за да се зачуваат.
Во 2002 година се сретнав со Иван Митевски – Копола, легендарен режисер од МРТВ, мајстор на својот занает, со кого заедно сработивме десетина документарни филмови. Од него научив многу – за камера и монтажа, но и за режија. Беше милина да гледаш како на сет со леснотија ги организира сите субјекти и сè тече како подмачкано. Многу време поминавме заедно, разговаравме за сè во врска со филмот и филмската работа, но и ми ги пренесе и најголемите тајни на филмскиот занает.

Песната „Ако ми дадеш“ се најде и во филмот „Превртено“.
– Да, имав одлична соработка и со режисерот Игор Иванов – Изи, мој драг пријател, на играниот филм „Превртено“. За потребите на филмот беше употребена мојата песна „Ако ми дадеш“, која по премиерата стана еден од моите најголеми хитови.
Во меѓувреме, додека го работев документарниот филм во моја режија „Кочо Агушев и неговата труба“, кој се снимаше во Белгија, Италија и во Словенија и беше награден на неколку фестивали, добив понуда да направам документарен филм за Константин Кајшаров – Тино. Филмот го снимив релативно брзо, но она што се случи пред камера ме остави фасциниран и знаев дека тоа нема да биде обичен филм. На филмскиот фестивал во Сан Вали, во САД, филмот беше апсолутен хит и доби „гран при“ од публиката.
Кажете ни нешто повеќе за филмот „Каде се парите“?
– „Каде се парите“ е игран филм кој едноставно морав да го направам. Досега имам напишано пет сценарија за играни филмови кои се подготвени за реализација, но „Каде се парите“ некако се издвои и спонтано се избори за реализација.
„Каде се парите“ е урбана приказна за Скопје, во која двајца пријатели – ги играат Никола Талевски и Влатко Илиевски – се типични урбани ликови кои живеат релаксиран живот исполнет со дружење и забави. Добиваат понуда да направат бизнис со тоа што би купиле на големо 2.000 мобилни телефони по цена од 50 евра парче, кои би ги продале набрзина за по 75 евра за парче, со што би заработиле 50.000 евра. Но, за да ги купат телефоните, треба да инвестираат 100.000 евра – пари кои ги немаат. По препорака на Васко Тодоров од „К-15“, одат во Старата скопска чаршија кај лихвар и се задолжуваат 100.000 евра, под услов за три дена да вратат 110.000 евра. И, како што обично се случува – и парите ги снемува, а ни телефоните не ги добиваат. Тука почнува целата паника.
Првата клапа падна во јуни, а снимањето заврши во септември. Монтажата и постпродукцијата траеше до мај следната година, а премиерата се случи во јуни во киното „Милениум“. Филмот, со времетраење од 2 часа и 53 минути – задоволен сум како испадна и мислам дека допрва ќе си го најде своето место во историјата на македонската кинематографија.

Дали она со кое се сретнувате секојдневно ве менува како човек и како креативец?
– Да, нормално. Инспирација за музика и за филм ми е токму она што се случува околу мене и како сето тоа влијае на мене. Текстовите од песните и сценаријата за филмовите што ги пишувам главно се инспирирани од нешто што ми се има случено, го имам видено, преживеано или се врз основа на некое реално сведоштво.
Колку тоа што живеете во Македонија го определи вашиот животен пат?
– Јас сум горд што сум роден во Македонија и што сум генетски дел од најстариот народ на планетава, со богата историја, култура, обичаи, музика… Воедно сум и космополит и верувам дека сите сме деца на оваа планета и дека треба да ја чуваме, затоа што друга немаме. Значи, ако направиме некоја глупост – а постојано правиме – нема каде да бегаме. Како велат: „На Месечината не може да има добра журка, зашто нема добра атмосфера“ (ха-ха).
Уште пред 30 и кусур години, по „Бадмингтонс“ и други групи чиј член бевте, вашиот бенд го нарековте „Александар Македонски“. Што ве поттикна на тоа?
– Александар Македонски за мене секогаш бил енигма и инспирација. Кога бев малечок, во некогашна Југославија редовно го читав „Политикин забавник“. Во еден број, на насловна беше Александар Македонски на коњ, а внатре имаше текст со наслов: „Нашиот сонародник Александар Македонски со меч го пресекол Гордиевиот јазол, а потоа го освоил целиот цивилизиран свет.“ Самата легенда за Гордиевиот јазол е всушност персонификација на човек кој има нерешлив проблем пред себе, но е доволно смел да изнајде решение и да ја постигне својата цел.
Почнав да барам книги и сè што е поврзано со Александар, ја прочитав неговата биографија, приказните за татко му Филип, за античка Македонија, како и хронологијата на опстојување на Македонија од антиката до денес. Александар ми беше и сè уште ми е инспирација за тоа дека ако си доволно упорен и ако имаш идеја што сакаш да постигнеш во животот – не постои проблем што не може да се реши за да стигнеш до целта. Логично беше во даден момент и да го именувам бендот „Александар Македонски“.

Во студиото „Макотон“, а подоцна и со „Картер филм продукција“, им помогнавте на многу алтернативни музичари да остават некоја трага на музичката сцена. На што се работи во моментот таму?
– Во музичка смисла, моментално се работи на новиот албум на „Бадмингтонс“, како и на музика што ја работев за филмот „Каде се парите“, која треба да се најде на посебен носач на звук.
Лани во ова време, на „Пивофест“ во Скопје, „Бадмингтонс“ повторно настапија во живо во стариот состав, а слушнавме и некои нови песни. Какво беше чувството повторно да се настапува во живо?
– Понудата за настап на „Пивофест“ дојде како освежување, но и како можност да го поминеме стариот материјал и да пробаме некоја од новите песни. Мислам дека направивме добра журка. Јас лично си поминав супер, затоа што се воспостави добра комуникација со публиката – луѓето пееја со мене, играа… Сите беа супер расположени и среќни, што е и целта на еден добар концерт.
Интересно е дека и по толку години песните звучеа свежо – што се вели, го положиле тестот на времето. На што се должи тоа: чистата енергија, добрите текстови, другарството со Деко и Бут, или можеби верната публика?
– Од сè по малку, како и фактот дека музиката што ја свириме со „Бадмингтонс“ е всушност вонвременска и оригинална. Таа е производ на тројца музичари кои имаат посебен пристап и се оригинални во начинот на свирење и креирање на аранжманите и песните.

Со ангажманите поврзани со филмовите на кои работевте или сега работите, имавте контакт со специфични луѓе, посебни во она што го работат. Меѓу нив, секако, е и академикот Киро Урдин. Каква е вашата релација?
– Првата моја средба со Киро Урдин беше некаде во 2002 година, кога добив понуда со режисерот Иван Митевски да отидам во Сен Пол Деванс, Франција, и да ја снимам изложбата на Киро во една од најпрестижните галерии – „Ги Питерс“ – за потребите на МРТВ. Ме ангажираа бидејќи во моментот во МРТВ немаше слободен камерман, па мене ми ја доверија улогата да снимам материјал кој ќе оди како прилог во вестите.
Како што Господ ме дал, го снимив материјалот што се бараше од мене, но не можев да седам со скрстени раце – испоснимав сè што се случуваше таму: од подготовки и поставување на изложбата, до гала вечерта со гости од целиот свет. Ги овековечив и интервјуата со видни личности, под будното око на Иван Митевски – Копола. Кога се вративме, гледајќи сè што е снимено, со Иван се сложивме дека има интересен материјал кој заслужува да биде измонтиран како документарен филм. Создадовме документарец во траење од 45 минути, кој беше прикажан на МРТВ и наиде на добар прием.
Киро беше задоволен и предложи да измонтираме материјал што тој го снимил во Африка, поточно во Мали, во земјата на Догоните, што требаше да се монтира во Франција. Филмот подоцна беше прикажан во Македонија, но и на многу светски фестивали, каде доби и повеќе награди. Оттогаш почна нашата соработка, која трае повеќе од дваесет години. Во изминатиот период направивме многу филмови, а поминавме и многу светски филмски фестивали заедно. Киро Урдин го гледам како брат, како фамилија, а тимот Киро, Венко и Картер – како добитна комбинација за добра синематичка и вонвременска филмска работа.
Снимивте и телевизиска серија за македонската популарна музика, со што придонесовте и идните генерации да можат да видат како се раѓал македонскиот рокенрол.
– Интересот за музиката и за филмот ги споив во документарецот „Македонскиот рокенрол“. Серијалот се состои од четири епизоди во траење од околу педесет минути секоја, но има и филмска верзија во траење од два часа и триесет и пет минути, која беше прикажана премиерно во кино. Беше преполно на премиерата, а јас се плашев дали луѓето ќе издржат да изгледаат документарен филм со толку долго времетраење. Но, за време на емитувањето никој не мрдна од своето место, а на крајот имаше овации и долго ракоплескање. По премиерното пуштање на серијалот на МРТВ и на тогашна А1 телевизија имаше одлична гледаност, а до денес е најрепризиран документарен серијал на македонските телевизии.
Како режисер се одлучив за најтешката варијанта за изработка на документарен филм, затоа што во него нема наратор кој ќе објаснува што се случувало, туку самите учесници – музичари, кои се сведоци и директни учесници во настаните, сведочат и раскажуваат за времето во кое твореле, ослободени од притисокот дека пред нив е камера. Тие не беа обврзани да одговараат на сувопарни прашања, туку преку неврзан разговор да се постигне поентата на самото сведоштво.
Воедно, „Македонскиот рокенрол“ како документарен филмски серијал има големо историско значење за постоењето на македонската државност, култура, музичка уметност и начин на живот, затоа што го опфаќа периодот од 1950-те години до денес.




































