Кон претставата „Дон Жуан“ од Молиер, во режија на Васил Василев, а во продукција на Народниот театар од Ниш, Србија. Главни улоги: Дејан Лилиќ, Драгиша Вељковиќ, Маја Вукојевиќ Цветковиќ, Катарина Митиќ Павловиќ, Данило Петровиќ и други
Рецензија
Џорџ Гордон Бајрон во својот Дон Жуан во еден момент вели: „Бидете лицемерни, бидете внимателни, не бидете она што сте видени, туку секогаш она што го гледате“. Овде се поставува едно многу круцијално прашање: Кого сѐ Дон Жуан гледа околу себе и како се гледа себеси во опкружувањето во кое лицемерноста е единица мерка за премерување на општествената и социјална присутност. Молиер во својот „Дон Жуан“ во себе ја содржи единствената парадигма што ќе остане не само во интерпретациите на неговото дело туку и како драматска координата за современите драмски инспирации по тој модел. Режисерското видување на Васил Василев отвора сосема поинакви дамари во драматиката на Молиер, а тоа е неговата интерпретација на општествената слободоумност на човекот, аспект што Молиер на прв поглед повеќе го има во „Тартиф“ и „Мизантроп“. Но мудрото режисерско промислување на Василев во таа насока ги извлекува најдлабоките значенски промислувања, неговиот Дон Жуан е уморен, емотивно индиспониран, поранешен љубовник што е длабоко опседнат од своите сеќавања, емотивна лаѓа што алармантно пропаѓа во морето од лицемерство на кое Молиер предупредува во сите свои пиеси. Имено, Василев се приклонува кон едноставната и чиста мизансценска конотација за да ни ја отвори дилемата: колку сме биле слободни во својата емотивна констелација и каде се тајните премини на промискуитетот за конечно да дојдеме до смислата на животот. Василев е длабоко сконцентриран на егзактното вајање на ликовите, кои во неговиот концепт звучат многу животворно, но од друга страна тие се дел од една театарска фуга во која себеосознавањето има трагичен предзнак. Гледајќи ја оваа претстава, имате чувство дека Дон Жуан има исповедна линија, но неговата и режисерската транспарентност ве наведуваат на тоа да помислите дека Дон Жуан ги има и тие карактеристики: елегичен, недоверлив, тажен и себеобвинувачки. Васил Василев со оваа концепција гради претстава што плени со својата оригиналност, сигнификантност и доста акцентирана динамичност.
Дон Жуан на Дејан Лилиќ би рекле дека е Дон Жуан каков што досега не сме го гледале. Дејан Лилиќ како голем актерски талент во својата егзактна актерска интерпретација вметнува една многу тенка, суптилна дистанца, една автоперсифлажност што го прави неговиот Дон Жуан онаков каков што би го сретнале во дваесет и првиот век: разочаран, дисонантен, епски тажен. Одејќи по тенките жици на режисерската концепција, Лилиќ го говори, го чувствува и, конечно, го одигрува Дон Жуан каков што веројатно Молиер сакал да го напише, а можеби и го напишал, па и режисерот и актерот успеале да го прочитаат. Развивајќи го својот лик со голема умешност, понирајќи во сите вертикали на неговите карактеристики, Дејан Лилиќ отвора и една гама на чувствителност што можеме симпатички да ја почувствуваме во нас, а од друга страна таа негова погоре спомената дистанца зборува за една порака, која пак, од друга страна, режисерот ја отелотворува во своето видување на овој антихерој, а тоа е неможноста за бунт во времето кога лицемерството е основниот двигател на сите општествени и социјални поместувања. Дејан Лилиќ ни понудува еден Дон Жуан што совршено кореспондира со политичките и социјални амбиси на дваесет и првиот век, кој потписникот на овие редови многу често го нарекува „грешен“ дваесет и први век. Секако, овде се поставува и прашањето како и зошто „грешен“. Дали Дон Жуан се смета за „грешник“, па со самото тоа и антихерој и во времето на Молиер и во времето на Бајрон? Дон Жуан на својот слуга Зганарел во еден момент му вели: „Во што верувам јас? Во тоа дека два и два се четири и дека четири и четири се осум“. Тоа значи дека не бил само Молиер прагматичен туку и Дон Жуан на дваесет и првиот век. Овој Дон Жуан уште на почетокот од претставата е на скалите што одат нагоре, кон облаците. Неговата колебливост во сите интеракции и го забавува, но и го натажува. Дејан Лилиќ со овој лик ни испраќа и порака дека не можеме постојано да се оправдуваме, дека сепак треба да најдеме едно мало место во своето срце и за нашата внатрешна слобода, слобода онаква каква што сме ја замислиле, но сепак не сме ја оствариле. Васил Василев како режисер со цврст концепт во оваа претстава говори и за мечтата, за онаа неостварената, мечтата од која посакувана фигура како Дон Жуан не се откажува ниту во периодот на своето духовно згаснување.
„Дон Жуан“ е претстава со голема актерска енергија, од која би ги издвоиле и сјајните улоги на Катарина Митиќ Павловиќ како Шарлота, чија убавина е едно од најголемите естетски и морални предупредувања во ова видување на „Дон Жуан“, Данило Петровиќ како разиграниот и конзервативно и традиционалистички воспитан Пјеро, но и тивко емотивната Дона Елвира на Маја Вукојевиќ Цветковиќ, која во ова режисерско видување е клерикална дама, која на љубовта и на разочарувањето од неа гледа како на духовна честичка во човековиот хабитус. Секако, ситната персифлажност во ликот на Зганарел на Драгиша Вељковиќ е уште еден аспект што говори за зачудниот агол на целата претстава, но од другата страна ги имаме динамичните сцени на браќата на Дона Елвира, Дон Алонзо и Дон Карлос во сјајните интерпретации на Урош Милојевиќ и Андрија Митиќ.
Визуелниот контекст на претставата го сочинува мошне едноставната, но знаковно многу силна сценографија, каде што доминираат скалите и прстенот, кој ги опкружува оправдувањата за сите „грешни“ дејства, но е на некој начин и првата врата за слободата по целата истоштеност на човекот во потрага по љубовта, која врз актерите паднала во вид на откинато галебово крило. Овде се приклучуваат и костимите, кои во себе содржат извесна колоритност, екстрахирана од едно време, но одлично осовременета. Оваа убава визуелна констелираност и на костимите и сценографијата е дело на Марија Кунчева, додека музичката подлога, која е ненаметлива, но е извонреден крвоток на целото дејство, е дело на Милен Апостолов.
„Дон Жуан“ не е љубовникот на шеснаесеттиот ниту на дваесет и првиот век. Тој вели: „Колку е страшно да се биде голем господар, а сепак зол човек“ и останува во територијата на неблагородието, со големи долгови и еден свој пријател, кој постојано го следи не сакајќи да му ја задуши ни онаа малку надеж што му преостанала. Колку и да сме слободни, сепак, не е доволно. Затоа неизбричениот Дон Жуан, со големиот животен товар и со лошите одлуки и промени во животот е модел за човекот на денешницата, кој на бракот гледа како на стега, на љубовта како на глупост, а на хипокризијата како на единствениот начин да се успее во животот. Молиеровиот „Дон Жуан“ се чини дека ја има тајната за вечното простување, но и за вечната окупираност на човекот. Оваа претстава отвора врати што досега не биле отворени во толкувањето на овој голем класичен драмски текст.
Сашо Огненовски