МУЗЕЈОТ „ЛИЈАНГЖУ“ – ТЕСТАМЕНТ НА НАЈСТАРАТА КИНЕСКА ЦИВИЛИЗАЦИЈА
- Музејската поставка ја осветлува сложената врска помеѓу културата Лијангжу, артефактите и општествената структура, овозможувајќи им на посетителите сеопфатно разбирање на оваа древна цивилизација. Интересна е употребата на модерните технологии во музејот, кои им овозможуваат на посетителите уникатно искуство. На пример, со ВР-очила, кои може да ви ги обезбедат музејските работници, можете да добиете несекојдневно виртуелно искуство. Пред вашите очи се откриваат сите информации во врска со експонатот што го гледате во моментот…
Музејот „Лијангжу“, кој зафаќа површина од над 10.000 квадратни метри, е дом на обемна колекција на извонредни предмети од скапоцен жад, кои потекнуваат од пред четири-пет илјади години од археолошкото наоѓалиште Лијангжу. Изградбата почнала во 2005 година, а за јавноста е отворен од септември 2008 година. Во август 2017 година поставката е обновена и дополнета со новопронајдените артефакти од археолошкиот локалитет Лијангжу и музејот е повторно отворен за јавноста во јуни 2018 година. Главна тема на поставката е „Лијангжу е свето место што сведочи за 5.000 години долгата кинеска цивилизација“. Оваа древна култура првпат е откриена во 1931 година во и околу малото село Лијангжу, во околината на Хангџоу.
Во музејот моментално се наоѓаат 3.266 предмети/збирки, вклучувајќи 114 вредни културни реликвии. Се состои од три постојани изложбени сали: „Раната мочуришна држава“, „Свето место на цивилизацијата“ и „Жадот како спиритуален симбол на државата“, прикажувајќи ги археолошките достигнувања и вредноста на наследството на културата Лијангжу.
Самата архитектура на музејот е дело на уметноста, дизајнирана од познатата британската група архитекти „Дејвид Чиперфилд архитектс“, а современиот дизајн на објектот го подобрува целокупниот естетски изглед на музејот. Зградата е сместена на езеро и поврзана со околниот парк преку мостови. Езерото е вештачко и активно е интегрирано во планот. Зградата делумно изгледа како да излегува од езерото, додека на други места меѓу објектот и водата посредуваат терасести градини. Структурата на зградата е направена од бетон и целосно обложена со камен травертин. Сите детали на рабовите се дизајнирани за каменот да изгледа како солиден, а не како обложен материјал. Каменот е избран поради неговата топла боја и длабока текстура, а неговата континуирана употреба обезбедува врска со традиционалните кинески згради, кои имаат дворишта зад солидните ѕидови од камен.

Културата Лијангжу, која потекнува од приближно 5300 до 4000 година пред нашата ера, претставува дел од доцниот неолитски период, со издвоени карактеристики како црна керамика и полирани предмети од жад, кој важи за спиритуален симбол на државата. Многу научници ја сметаат културата Лијангжу за првата династија на Кина.
Музејот ги прикажува богатото археолошко наследство и културното значење на цивилизацијата Лијангжу, кое можете да го погледнете во организирана тура со водич во времетраење од околу два часа. Се наоѓа во округот Јуханг, Хангџоу, во провинцијата Жеџијанг.
Првата изложбена сала раскажува за подемот и развојот на кралството основано во кинеските мочуришта. Пред седум илјади години, формирањето на езерото Таиху влијаело врз начинот на живот на луѓето, создавајќи материјална основа за преживување и развој. За време на периодот на културата Лијангжу, пред околу пет илјади години, предците се занимавале со култивација на ориз и аквакултура, при што оризот станал главна храна, а домашните свињи главен извор на месо. Различни занаети, како изработка на керамика, производство на ткаенини, обработка на коски, изработка на камени алатки, лакирање и гравирање на жад, станале поспецијализирани и посистематски. Дополнително, се појавил сет на сликовни симболи, кои се сметаат за најраната форма на пишување. Високоразвиеното земјоделство и занаетчиството поставиле цврста економска основа за формирање и развој на цивилизацијата Лијангжу.
 Древниот град Лијангжу е пример на раната урбана цивилизација во Источна Азија. Предметите од жад, кои се користеле во разни ритуални обреди, се душата на поставката. Употребата на жадот исто така покажува и јасни социјални хиерархии. Изложбата ја истражува уникатната церемонија на жадот во општеството, вклучувајќи ги заедничката почит на божествата претставени преку артефакти од жад, како што се божествени симболи, и различните улоги на жадот, како симболизирање на божествената власт, воената моќ и кралската власт. Тоа ја рефлектира специфичната социополитичка структура на културата Лијангжу преку спој на политиката и религијата.
Древниот град Лијангжу е пример на раната урбана цивилизација во Источна Азија. Предметите од жад, кои се користеле во разни ритуални обреди, се душата на поставката. Употребата на жадот исто така покажува и јасни социјални хиерархии. Изложбата ја истражува уникатната церемонија на жадот во општеството, вклучувајќи ги заедничката почит на божествата претставени преку артефакти од жад, како што се божествени симболи, и различните улоги на жадот, како симболизирање на божествената власт, воената моќ и кралската власт. Тоа ја рефлектира специфичната социополитичка структура на културата Лијангжу преку спој на политиката и религијата.
Поставката ја осветлува сложената врска помеѓу културата Лијангжу, артефактите и општествената структура, овозможувајќи им на посетителите сеопфатно разбирање на оваа древна цивилизација. Интересна е употребата на модерните технологии во музејот, кои им овозможуваат на посетителите уникатно искуство. На пример, со специјални ВР-очила, кои може да ви ги обезбедат музејските работници, можете да добиете несекојдневно виртуелно искуство. Пред вашите очи се откриваат сите информации во врска со експонатот што го гледате во моментот.

Весна Дамчевска, наша известувачка од Кина
 
             
		

































