„Рапсодија“ под диригентската палка на Бар Авни од Израел
„Рапсодија“ е насловен концертот на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот, и на кој како солистка ќе настапи виолинстиката Ава Бахари од Шведска, а диригентка е Бар Авни од Израел. На програмата се симфониската поема „Златното вретено“, оп. 109 од Антонин Дврожак, Поема за виолина и оркестар, оп. 25 од Ернест Шосон, Рапсодија за виолина и оркестар од Морис Равел и „Кармен суита“ од Бизе-Шчедрин.
Диригентката Бар Авни (1989, Израел) е добитничка на првата награда на натпреварот „Ла маестра“ во Париз, во 2024 година, која ѝ беше доделена од престижно жири предводено од влијателната Натали Штуцман. Маестра Авни ги освои и дополнителните награди, вклучувајќи ги и Наградата на оркестарот, „Арте“, „Ехо“… Тоа подразбира дека во наредните две години, таа ќе биде стипендистка на академијата „Ла маестра“, а по натпреварот веќе се пројави огромен интерес за нејзината диригентска работа, односно има покани да диригира со голем број светски оркестри. Ја опишуваат како диригентка со вешта и креативна програмска концепција и јасен и елегантен стил на диригирање. Во моментов, маестра Авни е главна диригентка на филхармонијата „Бајер“, позиција на која е од 2021 година, како прва жена диригент во 120-годишната историја на оркестарот. Силно е посветена на промоцијата на нови и млади таленти и тесно соработува со тимот во „Бајер“ за развивање возбудливи музички образовни проекти.
Опишана како „значаен нов талент“, Ава Бахари е високоостварена шведска виолинистка со свеж и посебен пристап кон репертоарот. Во сезоните 2024/2025 и 2025/2026, Бахари е резидент-уметница на Гетеборшкиот симфониски оркестар. Таа ја отвори сезоната 2024/2025 заедно со главниот диригент Санту-Матиас Рували, изведувајќи го Концертот за виолина од Стравински, а пролетта во 2025 година повторно настапи со Рували, изведувајќи го Концертот за виолина од Сибелиус. Во текот на сезоната 2024/2025, Бахари за првпат соработува со Хелсиншката филхармонија, Шкотскиот симфониски оркестар на Би-би-си, Исландскиот симфониски оркестар, Националниот оркестар на Велс на Би-би-си, Хелсингборшкиот симфониски оркестар, а го има и своето јапонско концертно деби со Токискиот симфониски оркестар под водство на музичкиот директор Џонатан Нот, со изведба на Концертот за виолина од Шенберг. Како посветена камерна музичарка, Бахари настапувала на реномирани фестивали, а во рамките на нејзината двосезонска резиденција со Гетеборшкиот симфониски оркестар, таа соработува со членови на оркестарот за реализација на два камерни концерта. Во пролетта 2024 година, Бахари ја доби дипломата концерт-мастер на Високата школа за музика „Ханс Ајслер“ во Берлин, дополнувајќи ги претходните дипломски и магистерски студии под менторство на професор Колја Блахер. Во 2021 година го завршила своето образование на Академијата „Стауфер“ во Кремона, Италија.
































