На концертот насловен „Татковина“, кој ќе се одржи вечерва во Филхармонијата, под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски, ќе настапи еден од најпосветените музички уметници кај нас, виолинистот Бојан Илкоски. На програмата ќе бидат изведени виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 1 од Николо Паганини (1782-1840), исклучително виртуозно дело што ги рефлектира не само техничките способности на оној што го изведува туку овде се јасно воочливи и квалитетите на композиторот, и Симфонија бр. 4 во Де-мол, оп. 120 од германскиот композитор Роберт Шуман (1810-1856), опишана како негова најмаестрална композиција. Според некои критичари, кога ја слушате Симфонијата бр. 4, се чувствувате како да сте научиле во музиката нешто што досега не сте знаеле.
Виолинистот Бојан Илкоски (1992) постојано настапува во различни ансамбли. Неодамна токму со изведба на Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од Паганини настапи како солист во Софија, со оркестарот „Симфониета Софија“ и маестро Свилен Симеонов. Првите контакти со виолината ги имал на седумгодишна возраст со проф. Румен Димитриев и проф. Зоран Џорлев. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Олег Кондратенко. Досега остварил голем број настапи во земјава и надвор од нејзините граници: Романија, Србија, Хрватска, Бугарија, неколкупати настапувал како солист со Македонската филхармонија, Камерниот оркестар при ФМУ, а во 2009 година го одржал и својот прв самостоен целовечерен концерт во „Даутпашиниот амам“. Со пијанистот Дино Имери основаа камерно дуо и во овој состав реализираат голем број настапи во земјава и надвор од неа. Во досегашното искуство како виолинист вбројува и неколку соло-рецитали без пијано-придружба, кои се од исклучителна важност и претставуваат огромен предизвик за секој инструменталист воопшто. Со концерти од овој тип се претставува и на фестивалот „Златна лира 2017“, во организација на СМУМ. Заедно со Симфонискиот и Камерниот оркестар при Факултетот за музичка уметност има настапувано во земјава, како и во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Како камерен музичар, соработувал со светски реномирани имиња како што се Франсис Дирој и светски познатиот виолончелист и диригент Марк Копеј, а остварил соработка и со виолинистот Сретен Крстиќ, концерт-мајстор на Минхенската филхармонија. Илкоски е член на Меѓународниот младински камерен оркестар на Музичка младина, а од неодамна е редовен член на Симфонискиот оркестар при Македонската филхармонија, како и член на оркестарот за филмска музика „Фејмс“.
Сашо Татарчевски настапувал со различни ансамбли, вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на Битолско културно лето, Солисти на ФМУ, Симфонискиот оркестар на ФМУ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „Контемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави. Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент е на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и на професионалниот мешан хор „Про арс“.