Фото: Министерство за култура

 По цели седум години институционално запоставување, денеска конечно се враќаме со конкретни инвестиции и проекти од областа на културата, овде, во Виница, општина која подолго време беше оставена надвор од стратешките културни политики, изјави денеска од Винчкото Кале, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

За  2026 година, што се однесува до Виница, тој најави почеток на сеопфатен проект за истражување, заштита, конзервација и ревитализација на локалитетот Виничко Кале.

Тоа, потенцираше Љутков, Министерството за култура и туризам ќе го реализира преку своите институции: НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, НУ Археолошки музеј – Скопје и локалниот Музеј „Теракота“ – Виница.

– Проектот вклучува целосна конзервација на објектите и на бедемите, структурна стабилизација на загрозените делови, како и современи археолошки истражувања, што ќе овозможат долгорочна заштита и достапност на локалитетот за јавноста – најави тој.

 

Целта е, според министерот за култура и туризам, Љутков, Виничко Кале да стане централна точка за културен туризам, научни истражувања и едукативни програми во овој дел на државата. Тоа не значи само зачувување на наследството, туку и нова перспектива за економски и туристички развој на целиот регион. Локалитетот ќе стане жив културен простор, отворен за сите граѓани, посетители и идни генерации, додаде тој.

На средбата со новинарите на Винилкото Кале, Љутков, нагласи дека Општина Виница, во изминатиот период, вложила значителни средства и напори во обнова на културната инфраструктура. Завршена е реконструкцијата на киносалата, која доби нов покрив и фасада, а целосно е обновена и Сината сала при Домот на културата „Тошо Арсов“ – простор кој денес повторно живее со настани, концерти и театарски претстави.

-Ова е доказ дека со јасна политичка волја, стратешка поддршка и локална посветеност можеме да постигнеме многу. Виница е и мора да остане значајна точка на културната и на економската мапа на државата. Овој модел на успешна децентрализација ќе продолжи да се применува низ целата земја, затоа што секоја општина заслужува еднаков пристап до култура, развој и иднина – смета министерот за култура и туризам.

 

Тој вечерва ќе присуствува на отворањето на фестивалот посветен на хумор и сатира „Ин Виница веритас“, најзначајна манифестација од ваков карактер во државата.