„Ветување“ е насловена изложбата на Маја Ралева Миладиновски отворена во Ликовната галерија на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Делата се работени од 2016 година, со мали дополнувања во 2022 година, при што се создадени 20 слики мал формат 10 х 10 см и 15 слики на картон, сите се поделени на пет препарирани платна, каде што композициски се распоредени како една голема слика.
– Изложбата му е ветена на еден голем човек, правник, учител и поддржувач на уметноста, археологијата, културното наследство и културата воопшто во Македонија. Неговото име е Јован Ристов, човек што цел живот го посвети на заштита на културното наследство и голем љубител на уметноста и уметниците со генерации. „Ветување“ е приказна од пред деценија и пол, исполнета со многу раскажани случувања на мал сликарски формат, преточена во сликарска инсталација, која се состои од пет големи платна, на кои се поставени мал формат сликарски секвенци што раскажуваат приказна на сеќавање. Преку разлеаниот спектар на бои и енергија, балансирано и внимателно раскажувам преку својот автентичен ракопис приказна што е секогаш дополнета и никогаш досадна, со порака испратена пронајди си повод да прославиш, сподели љубов, сподели радост, тага, сподели ги своите емоции на платно за да имаш непосреден другар за плачење, радување, викање, во секој случај да има содржина – вели авторката Маја Р. Миладиновски.
„Ветување“ е нејзина 12-та изложба. Ка.М.