„ДЕНОВИ НА БЛАГОЈА КОРУБИН“
„Јазикот во медиумите (состојби, предизвици, перспективи)“ е темата на годинашниот меѓународен научен собир „Денови на Благоја Корубин“, кој се одржува деновиве. Во меѓународниот организациски одбор членуваат: Снежана Велковска (почесен претседател), Олгица Додевска-Михајловска (почесен член), Елена Јованова-Грујовска (директор), Катица Топлиска-Евроска (претседател), Фани Стефановска-Ристеска (секретар), Лилјана Макаријоска, Лидија Тантуровска, Светлана Давкова-Ѓоргиева, Мери Јосифовска, Кристина Тодоровска, Марија Пандева, Ален Калајџија, Маќеј Кафка, Борјана Прошев-Оливер и Станислав Станковиќ.
Собирот почна со промоција на Зборникот на трудови од научниот собир „Јазикот во уметничката литература, едиција Јазикот наш денешен, кн. 35“, кој го претстави Лилјана Макаријоска. Во првата сесија претседавачи беа: Елена Јованова-Грујовска, Лидија Тантуровска, Кристина Тодоровска. Симона Груевска-Маџоска зборуваше за македонскиот јазик во медиумите, Димитар Пандев за односот на кодификаторите кон медиумите во нивното време, Олгица Додевска-Михајловска за весникот „Нова Македонија“ како слика на јазичните тенденции од кодификацијата до денес. Следуваа реферати за јазикот на новите медиуми и медиумската лингвистика, лексиката на социјалните мрежи, дијалектите и социолектите во електронските медиуми. Елка Јачева-Улчар имаше реферат на темата „Скопскиот говор и сленг како атака врз стандардот во македонските аудио-визуелни медиуми“. Потоа се зборуваше за медиумите и јазикот на црквата, јазикот во телевизиските информативни емисии на македонски јазик, јазикот во медиумите – манипулација преку јазик и новинарска етика, сопствените имиња и нивната прагматика во печатените медиуми, црковнословенизмите во соопштенијата на фејсбук-страницата на манастирот „Света Пречиста Кичевска“, србизмите во македонските мас-медиуми, англизмите и турцизмите во комуникацијата на младите, зборообразувачките тенденции кај заемките во електронските медиуми и социјалните мрежи, јазичните грешки во јавните медиуми, најчестите правописни грешки на македонскиот јазик во медиумите, Христо Петрески се осврна на Благоја Корубин и неговото „Јазично катче“: поуки за јазикот во печатените медиуми, а Кристина Тодоровска за јазикот во весникот „Преспа“ на Заедницата на Македонците во Албанија. Потоа теми беа и јазичните особености на весникот „Нова Македонка“ – орган на АФЖ на Егејска Македонија, варијантноста на фраземите во јазикот на медиумите, антипословиците и хумористичните изрази на неколку македонски форуми.
Денеска собирот продолжува со излагања на Јордана Марковиќ (Информативност новинских читуља), Светлана Давкова-Ѓоргиева (На која генерација ѝ припаѓаме?), Лидија Тантуровска (Првата дама), Фани Стефановска-Ристеска (Јазикот на филмот)…
Ќе стане збор и за влијанието на новите медиуми врз развојот на медиумската писменост кај учениците на часовите по македонски јазик, а Емил Ниами ќе зборува за критериумите при изборот на корпусот на „Речникот на медиумска писменост“. Собирот ќе даде простор и за изборот на темите во македонските медиуми и нивното влијание врз поширокиот општествен дискурс, слоганот во предизборните кампањи, говорот на омраза помеѓу Македонија и Бугарија на социјалните мрежи и вештачката интелигенција како помошна алатка за брз превод и кратки резимеа на веб-страници, видеа и документи од странски на македонски јазик и обратно. Со дискусија на учесниците ќе заврши годинашниот традиционален собир во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје. В.Д.