„Паралели и синтези“ е насловот на новиот циклус книжевни средби и работилници што ќе ги реализира „Спона“ во следните неколку месеци, со концептот на македонски писатели преведени на српски јазик, а модератор ќе биде Иван Антоновски

Каква е рецепцијата на современата македонска книжевност во Србија

Во српскиот културно-информативен центар „Спона“ се одржа книжевна вечер со Венко Андоновски, посветена на српското издание на неговиот култен роман „Вештица“ објавено минатата година. „Паралели и синтези“ е насловот на новиот циклус книжевни средби и работилници, а прв гостин во серијалот ќе биде Венко Андоновски (1964), најчитаниот македонски писател во последните 25 години.
Ова е веќе трето издание на овој култен роман во превод на српски јазик. Првите две беа објавени во Бања Лука, во превод на Гордана Јовиќ-Стојковска, а ова е прво издание на територијата на Србија. Издавач е „Кораци“ од Крагуевац, а преводот е на Љиља Цревар.

На настанот, со свои видувања за романот „Вештица“ се вклучија и истакнатите српски писатели и критичари Мирко Демиќ и Владимир Б. Периќ, уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Кораци“, кој е и автор на поговорот на српското издание објавено во 2024 година, а свои излагања имаа и претставници на издавачките куќи. Во рамките на средбата се оствари и разговор со Андоновски, во кој со прашања можеа да се вклучат и присутните. Модератор на книжевната вечер беше Иван Антоновски.

За француското издание на романот, славниот автор Милан Кундера, откако го спореди Андоновски со Херман Брох и со Карлос Фуентес, рече дека е „премногу модерен“, т.е. роман од третата историска епоха во развојот на романот. Во него, авторот не само што ги опишува околината и животот на главниот лик туку успева да го опфати и недофатливото. Според него, станува збор за мајсторски полифонично дело во кое изненадува разноликоста на наративните техники, при што „Вештица“ е голем роман за Европа. За минатото и сегашноста на Европа. Како што оцени и Георги Старделов, нема слично дело во историјата на книжевноста што толку жестоко ја насликало жестината на измачувањето на човекот. „Вештица“ е роман без „фабричка“ грешка, како што оцени Петре М. Андреевски. Тој и напомена дека оваа книга со ист восхит може да се чита на сите меридијани – Венко Андоновски во овој роман ги урива сите стереотипи, воздигнувајќи се до највисоките врвови на романсиерската уметност, како што оцени и Старделов.
На оваа книжевна вечер, српската книжевна јавност можеше да има појасен увид и во одгласите и толкувањата за овој роман од тамошната книжевна фела. За „Вештица“, во 2012 година, Андоновски ја доби и регионалната јужнословенска награда „Кочиќево перо“.

Со овој настан, српскиот културно-информативен центар „Спона“ почнува нов циклус средби и работилници „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, а во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Србија во превод на српски јазик.
Романите на Венко Андоновски достигнуваат тираж до 25.000 примероци. Тој ги добил сите македонски награди за проза и драма. „Папокот на светот“ ги доби наградата „Балканика“ и руската меѓународна награда „Југр“ (најдобар роман во словенската литература). „Вештица“ беше добро прифатена од француската критика, а со последниот роман „Папокот на светлината“ (2023), Андоновски ја доби меѓународната награда на Толстој „Вистра ливада“.
Неговите книги се преведени на 15 јазици. Редовен професор е на Филолошкиот факултет во Скопје и дописен член на Академијата на науките и уметностите на Република Македонија. Живее наизменично во Крагуевац и Скопје.

В.Д.