Со оваа награда, името на нашиот писател се придружува кон листата на светски автори како што се Џулијан Барнс, Орхан Памук, Марио Варгас Љоса, Амос Оз и др.
Добитник на меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“ за 2023 година е Венко Андоновски, со романот „Папокот на светлината“. Романот е објавен во руски превод на еминентната македонистка, преведувачка на над 70 книги од македонски автори и афирматорка на македонската култура, Олга Панкина. Олга Панкина ја доби годинешнава награда „Јасна Полјана“ за најдобар превод на руски јазик за романот на Андоновски. На вчерашната церемонија на соопштување на добитникот во Бoљшој театарот во Москва жирито беше составено од еминентни руски писатели: Владимир Илич Толстој (правнук на Лав Н. Толстој), Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владислав Отрашенко и Павел Басински.
Од 30 номинации од 16 земји и пет континенти, жирито во категоријата „странска литература“ се реши за потесен избор од осум наслови: „Палата на соништата“ на Исмаил Кадаре (Албанија), „Внука“ на Бернард Шлинк (Германија, познат по романот и филмот „Читачот“), „Зимски војник“ на Даниел Мејсон (САД, познат по „Пијано штимер“), „Пиштарки“ на Фернандо Арамбуру (Шпанија), „Кожурец“ на Џанг Јуеран (Кина), „Звукот на нештата што паѓаат“ на Хуан Габриел Васкез (Колумбија), „Ветување“ на Дејмонд Галгут (Јужна Африка) и „Папокот на светлината“ на македонскиот писател Венко Андоновски.
Одлуката за наградата е донесена едногласно. Со оваа награда, името на нашиот писател се придружува кон листата на досегашните добитници: Џулијан Барнс (Велика Британија), Ју Хуа (Кина), Рут Озеки (Kанада-САД), Орхан Памук (Турција), Марио Варгас Љоса (Перу), Патриша Данкер (Велика Британија), Хернан Ривера Летелиер (Чиле) и Амос Оз (Израел).
Меѓународната Толстоева книжевна награда „Јасна Полјана“, за најдобар странски роман преведен на руски, е основана во 2015 година, а ја доделуваат музејот „Јасна Полјана“ и „Самсунг електроникс“.
Книжевниот подем на Андоновски на руското книжевно подрачје започна уште во 2007 година, кога за романот „Папокот на светот“ (во превод на Панкина) ја доби наградата „Југра“ (најдобар роман од сите словенски книжевности преведен на руски јазик). Следуваа три изданија на романот „Азбука за непослушните“ (третиот е двојазичен, руско-македонски) и други признанија, меѓу кои и „Златен витез“ за драматургија минатата година, кога Панкина преведе и објави на руски три негови драми.
Романот „Папокот на светлината“ го првообјави издавачот „Три“ од Скопје и за девет месеци доживеа четири македонски изданија (4.000 примероци), а ја доби и наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија. В.Д.