Фото: Зоран Антоски

Последниот кичевски мајстор казанџија, Коста Галиманоски, за неполни три години во родниот град Кичево, организира и трета самостојна изложба, на 17 јуни вторник во 20 часот во ликовниот салон. Најновата самостојна изложба„ Ведрина во движење“, Галиманоски ја подготвува десетина месеци и истата ќе содржи 35 експонати изработени од секаков вид на метал, дела од различни форми и големини, инспирирани од секојдневието.

Галиманоски очекува оваа изложба да биде добро посетена од голем број љубители на убавата уметност од родниот град.

Фото: Зоран Антоски

-Каде ако не во родниот град, посакав да ја организирам и третата самостојна изложба за неполни три години. Најновата моја изложба со име„ Ведрина во движење“ ја сочинуваат 35 експонати изработени во последните 12-ина месеци од секаков вид на метал , а се работи за фигури кои потекнуваат од реалноста и кои сметам дека ќе им се допаднат на моите сограѓани. Овие дела се со различна големина ,а бакарот и железото се главните метални содржини од кои ќе бидат создадени овие фигури, кои ќе содржат гитарист, мајстор како свири на пијано, диригент, зачнување и многу многу други форми и големини – истакна мајстор Галиманоски и најави дека покрај во родното Кичево, делата од оваа изложба ќе можат да ја видат и љубители на овој вид уметност од Охрид, Битола, Прилеп и Скопје.

Целокупната организација и создавање на делата од оваа изложба Галиманоски ги финансираше од сопствениот буџет, без притоа да добие поддршка од Министерството за култура. З.А.