Фото: Макфест

Од вечерва, до 25 октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип ќе се одржи јубилејното 40-то издание на фестивалот „Макфест“ – најпознатиот и најдолговечен фестивал на забавни мелодии во Македонија.

Првата вечер е посветена на дебитантите, а ќе настапат 13 нови изведувачи кои ќе се претстават со оригинални композиции. Втората вечер ќе донесе 14 афирмирани музичари и автори со свои нови песни, додека третата вечер ќе биде ретроспектива на најголемите хитови од минатите децении на „Макфест“, изведени во ново, современо аранжманско руво.

Организаторите обезбедија и нова сцена соодветна на јубилејот.

Со четиридецениското постоење, „Макфест“ останува симбол на македонската поп и забавна сцена, место каде што своите први чекори ги направија многу познати пејачи и композитори. Јубилејното издание ќе биде можност за нови таленти да се истакнат, а за публиката – да ужива во златните хитови што ја одбележаа историјата на фестивалот.

МРТ директно ќе ги пренесува трите фестивалски вечери.

М.Т.