СЕРИЈА КНИЖЕВНИ СРЕДБИ МЕЃУ ПИСАТЕЛИ И ЧИТАТЕЛИ
Издавачкиот центар „Три“ најавува серија книжевни средби во рамките на „Зимскиот фестивал на книгата“. Во периодот од 21 јануари до 31 јануари, во книжарницата во Градскиот трговски центар ќе се одржат средби меѓу писатели и читатели – неколку „книгокругови“ на читатели и писатели, со читања, разговори и размена на топли зборови и напивки.
– Книгите се топол дом оваа зима. Затоа решивме книжевните средби да ги одржиме меѓу книгите. Започнавме со копнежлив книгокруг со поетско читање од „Антологија на копнежот“ со стихови што допираат до најскриените катчиња на душата – вели издавачот.
Книжевната средба за „Антологија на копнежот“ се одржа минатата недела. Средбата беше отворена од поетесата и приредувачка на антологијата, Виолета Танчева-Златева. Присутните имаа можност да слушнат поезија од македонските поети што се застапени во антологијата, кои ќе нè сплотат со стихови што ги слават постоењето и копнеењето. На овој поетски книгокруг, свои стихови за копнежот читаа: Елизабета Баковска, Зоран Анчевски, Сузана В. Спасовска, Марина Мијаковска, Андреј Ал-Асади, Јулијана Величковска, Владо Поповски, Лира Бојку, Иван Антоновски, Снежана Стојчевска, Даим Мифтари, Сеида Бегановиќ, Жарко Кујунџиски, Делвина Крлуку, Ивана Јовановска и други.
Вториот книгокруг – „Без цензура“, ќе се одржи вечерва, со почеток од 19 часот, по повод второто издание на првиот роман на писателката Румена Бужаровска – „Тони“.
– Подгответе се за длабоко искрени одговори на прашањата што се отворија по неговото читање. Без цензура, директно од Бужаровска – посочуваат од „Три“.
Третиот книгокруг е посветен на лепословието на Венко Андоновски. Книжевната средба ќе се одржи на 29 јануари (среда) и е посветена на најновото дело на македонскиот писател и професор, „Опијатите на лепословието“ – лична теорија за романот, расказот и драмата.
– Како што вели Андоновски, лепословието се пишува исклучиво на мајчин јазик, па на третиот книгокруг ќе ги славиме македонскиот јазик и сите негови игри и трансформации преку делото за кое тој вели дека е негов личен „прозен готвач“ полн со рецепти за тоа како да се искали еден книжевен текст – истакнува издавачот.
На 30 јануари (четврток), во скопската „Јуроп хаус“, со почеток од 19 часот, ќе се одржи промоција на романот „Ѕвезди под клепките“ од современиот бугарски писател Николај Терзијски. Романот во 2023 година ја доби националната награда „Христо Г. Данов“ за придонес во книжевноста и е номиниран за сите значајни прозни награди во Бугарија. Се работи за раскошен роман за најзначајните и најтешки животни прашања и дилеми. Повеќеслојна сага со три испреплетени приказни во кои палимпсестно се испишани најмалку уште толку, колку лични толку и универзални. И ни дава можен одговор на некои од најголемите загатки на животот: каде, кога и како ја среќаваме љубовта.
На 31 јануари (петок), со почеток од 19 часот, продолжува гостувањето на Терзијски, овој пат во подиректна средба со читателите и со потпишување на неговиот роман. Сите настани се од отворен карактер и добредојдени се сите кои сакаат да уживаат во срдечни дружења со добри книги и одлични автори, во топла книжевна атмосфера.