Во Друштвото на писателите на Македонија на 15 септември, со почеток во 19 часот, ќе се одржи „Вечер со Олга Панкина“ – преведувачка, поетеса и промоторка на македонската книжевност и култура. Со оваа вечер ќе бидат одбележани два значајни јубилеи: педесет години од основањето на Лекторатот за македонски јазик во Московскиот државен универзитет „Ломоносов“, и петнаесет години од отворањето на Македонскиот културен центар во Москва.

Вечерта ќе ја отвори претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Живко Грозданоски, кој Олга Панкина ќе ја претстави како директорка на Македонскиот културен центар во Москва, по што беседа за нејзината поезија и за нејзините есеи ќе одржи поетот Ефтим Клетников. Со Олга Панкина ќе разговара новинарката и модераторка на настанот, Катерина Богоева.