Вечерва, со почеток во 20 часот, во Кинотеката ќе се одржи вечер на новоприбрани архивски материјали, во која ќе биде прикажан дел од филмовите набавени во 2025 година преку откуп на материјал или меѓуархивска размена. На проекцијата, оние филмски материјали што немаат звук ќе бидат прикажани со музичка придружба во живо на ИВЛ.
Една од основните дејности на Кинотеката, поточно на Филмскиот архив (односно Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување филмови и филмски материјали) при оваа институција е токму прибирањето филмови и филмски материјали што се поврзани со Македонија. Кинотеката со години води истражување, идентификација, пронаоѓање и прибирање на филмови и филмски материјали што се однесуваат или се снимени во Македонија, со цел да се збогатат збирките и фондовите на Кинотеката и да се зачувуваат.
Ќе бидат прикажани некои од набавените архивски материјали – репортажите на „Филмске новости“ и патописната репортажа „Од Сава до Вардар“, преземена од Белгискиот филмски архив.































