Во Македонска филхармонија – Мала сала, вчеравечер се одржа настан што го славеше длабокото пријателство меѓу Македонија и Јапонија. И покрај тоа што Скопје во истиот термин беше домаќин на неколку културни настани од светски ранг, голем број љубители на убавата хорска музика од разни меридијани, дојдоа да уживаат во концертот насловен „Јапонското срце бие во македонски ритам“. Во знак на почит и на двете земји, домаќинот Македонија и драгите гости од Јапонија, на почетокот ги слушнавме химните на двете држави, по што сите изведувачи на сцената, со своите изведби не поведоа по патеката на музиката без граници и јазични бариери.
Сузана Турунџиева, и самата школувана музичарка, тв водителка и диригентка на женскиот хор „Фрида“, нѐ водеше низ настанот што ги наполни нашите срца со убавина, но и со гордост, бидејќи, Македонија иако е мала земја има големо срце да ги пречека и да ги дарува со убава енергија сите добронамерници.

Најпрво ги слушнавме хористките на јапонскиот хор „Томони Утао“, со кој диригираше оперскиот пејач од Токио, Казухиро Котецу, голем и докажан пријател на Македонија.
Тие изведоа неколку традиционални и народни јапонски песни. По нив македонскиот мешан хор „Про арс“ под диригентската палка на Сашо Татарчески, ги исполни песните „По друм одам мајче“, „Дервишко моме“ и „Калајџиско“.
Публиката бурно ги поздрави, но уште поспектакуларна беше изведбата на песната „Коце берберот“ од репертоарот на легендарниот македонски пејач и композитор Јонче Христовски, која ја испејаа и двата хора заедно. Интересно беше да се слушне како Јапонките точно го изговараат секој македонски збор, па и настарта членка меѓу нив, која има 92 години.
Следеше блок со оперски изведби на сопранистките Чихиро Суганума и нашата Елена Васова, во придружба на пијано на Акико Каназава. Нивните гласови, кристално чисти одекнуваа оваа магична вечер, славејќи ја убавината на музиката без граници, но и на големото приајтелство меѓу Јапонија и Македонија.

Се разбира, сите присутни со нетрпение го очекуваа настапот на омилениот Јапонец, Казухиро Котецу, кој маестрално ги отпеа песните: „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, „Македонско девојче“ заедно со двата хора на сцвената и на кракјот култната песна на Јонче Христовски – „Ако умрам ил загинам“.
– Оваа моја јапонско-македонска приказна започна кога првпат ја отпеав „Болен ми лежи…“ во 2013 година. Тогаш не знаев дека срцето ќе ми остане тука, во Македонија. Со текот на времето, македонските песни станаа дел од мене. Сакам преку музиката да ја пренесам таа љубов и да придонесам за уште посилна врска меѓу нашите народи – вели Котецу.
И не требаше многу, целата публика беше на нога и ракоплескаше и пееше со Котецу. Тој, веќе стана вообичаено, на крајот сакото, во стилот на Јонче Христовски, го фрли во публиката, како доказ дека што поскоро ќе се врати во саканата Македонија.
М.Т.