фото: Приватна архива

Концертот во „Даутпашиниот амам“ беше извонредно емотивно искуство. Просторот, со неговото историско значење, ни даде инспирација да создадеме магична атмосфера. Соработката со талентирани музичари од различни земји ја нагласи моќта на музиката да ги поврзува културите. Публиката зрачеше со позитивна енергија, што ни донесе радост и мотивација да продолжиме со вакви иницијативи, вели Вангелис Драгатсис

Вангелис Драгатсис е талентиран млад музичар од Грција. Тој во 2024 беше избран да се приклучи на Оркестарот на младите од Западен Балкан, со кој настапуваше на турнеја низ: Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Германија, Србија и Македонија.

Започнал да посетува часови по музика во Концертниот оркестар Калитеа во Атина, уште на деветгодишна возраст. Сега е студент во Солун, на Универзитетот Македонија на Катедрата за музички науки и уметност, со специјализација по кларинет во областа на европската класична музика. Во 2023 својата академска едукација ја проширил на Високата школа за музика „Франц Лист“ во Вајмар, Германија.

Со Вангелис Драгатсис се сретнавме непосредно по неговиот настап во Скопје, на концертот со интересен наслов „Моќта на музиката за обединување“.

Какви се вашите впечатоци по настапот во „Даутпашиниот амам“ во Скопје, каде Скопје, каде концертиравте со вашите колеги: Филип Велковски и Давид Павиќ, како и со гостинката Јана Јовиќ?

– Концертот во „Даутпашиниот амам“ беше извонредно емотивно искуство. Просторот, со неговото историско значење, ни даде инспирација да создадеме магична атмосфера. Соработката со талентирани музичари од различни земји ја нагласи моќта на музиката да ги поврзува културите. Публиката зрачеше со позитивна енергија, што ни донесе радост и мотивација да продолжиме со вакви иницијативи.

Бидејќи многу рано го откривте својот талент и желба за музичко образование, како се одлучивте за кларинетот како ваш инструмент?

– Изборот на кларинетот не беше случаен. Го должам во голема мера на мојата мајка, која е талентирана флејтистка и која ми ја пренесе љубовта кон музиката. Од моментот кога го слушнав звучниот колорит на кларинетот, бев фасциниран од неговата топлина и милозвучност, што ме потсети на интимноста и длабочината на човечкиот глас.

Студент сте во Солун, но го продолживте вашето образование на Музичката академија „Франц Лист“ во Вајмар, Германија. Споделете искуства од престојот во Германија и споредете ги методите на образование во Германија и Грција.

– Студиите во Германија ми помогнаа да се развијам уметнички и лично, преку контакт со различна култура и начин на живот. Германскиот образовен систем става акцент на оркестарското искуство, одразувајќи ја богатата музичка традиција на земјата. Во Грција, пак, образованието е повеќе насочено кон солистичкиот репертоар, нудејќи различен пристап во музичката педагогија.

Бевте избрани и учествувавте во Оркестарот на младите од Западен Балкан и имавте турнеја низ многу земји од регионот. Какви се вашите искуства од настапите, впечатоците од публиката и соработката со вашите колеги?

– Ова искуство значајно придонесе за мојот развој како оркестарски музичар. Публиката на секој концерт беше ентузијастична, препознавајќи ја енергијата и страста на оркестарот составен од млади музичари. Уште еднаш, музиката ја покажа својата моќ да ги поврзува различните култури и да создава заедничка уметничка основа.

Неколку значајни награди веќе се дел од вашето професионално портфолио, иако сте на почетокот на вашата кариера. Што значат наградите за вас?

– Секој натпревар претставуваше чекор напред, шанса да ги надминам своите граници и да се усовршам како музичар. Наградите што ги освоив се резултат од мојата напорна работа и страст. За еден млад уметник, тие претставуваат не само потврда, туку и билет за изградба на успешна кариера.

Каков е односот на младите Грци кон нивната музичка традиција, но и кон класичната музика воопшто?

– Грчката традиционална музика останува длабоко вкоренета во срцата на младите музичари во земјата. Многумина избираат да се специјализираат во неа, користејќи ги академските можности што сега се нудат на највисоко ниво. Во исто време, класичната музика во Грција достигна исклучително високо ниво. Квалитетот на образованието, талентот на музичарите и перформансите на грчките оркестри успешно се натпреваруваат на меѓународната сцена, позиционирајќи ја земјата како динамичен центар на музичко создавање и изведба.