Фото: „Охридско лето“

Под мотото „Трансформација на сетилата“  , утревечер од 21 часот на Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Честа  да ја започнат 40-дневната фестивалска програма ја имаат американската пијанистка со блескава кариера Клер Хуангчи и уметниците од Националната филхармонија на Македонија под диригентската палка на маестро Едвин Оутвотер.

Клер Хуангчи  е родена во Рочестер, Њујорк. На многу рана возраст започнува да учи пијано и во 1999 година е поканета да настапи во Белата куќа. Студирала со Гери Графман и Еленор Соколоф на Институтот „Куртис“, пред да се пресели во Хановер и да продолжи да студира со Ари Варди. Нејзината кариера започнува да оди во нагорна линија откако освојува високи награди на натпреварите АРД во Минхен, на натпреварот „Геза Анда“ и гран-при на Академијата за свирење и диригирање во Париз.  Оттогаш често се јавува во двојна улога – како солист и диригент. Таа е амбасадор на издавачката куќа „Хенле“ и уметнички директор на серијата Камерни концерти во Ербах.

Фото: „Охридско лето“

Едвин Аутвотер е еден од диригентите кој ги крши стандардните рамки на концертните доживувања и како куратор и продуцент, и е познат по неговиот динамичен пристап и крос-овер проекти во кои успешно ги спојува различните музички жанрови.  Работи со различни високопрофилни уметници од бендот „Металика“, преку Винтон Марсалис, Рене Флеминг, Јо-Јо Ма, а неговата креативна визија и можност лесно да навигира во различни музички правци го прават „еден од најиновативните диригенти на денешницата“.

Македонската филхармонија е единствен државен симфониски оркестар во земјата кој осум децении освен што ја промовира класичната музика на највисоко ниво е главен промотор и на македонската музичка мисла и на домашните композитори и изведувачи од нејзиното основање до денес.

Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката на  Македонија Гордана Силјановска-Давкова и со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам кое годинава издвои 31 милиони денари.

-Ова е значајна финансиска поддршка што ја добиваме од Министерството за култура и туризам за реализација на 40. фестивалски денови кои ќе донесат врвна програма достојна за одбележување на 65. успешни години – вели директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски кој ветува дека  програмата ќе ја оправда во целост дадената доверба.

Фото: „Охридско лето“

Генерален спонзор на  фестивалот е А1 Македонија, а  годинешната програмата е поддржана и од Општина Охрид, од амбасади на странските земји во Македонија, како и од бројни спонзори и помагатели.

Од 1994 година  „Охридско лето“ е и член на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) која вклучува повеќе од 140 фестивали од 40 земји.