Интернационален етнографски филмски фестивал – Битола

Интернационалниот етнографски филмски фестивал (ИЕФФ) „Илинденски денови“ – Битола, како што вели основоположникот на етнографскиот филм Жан Руш, е „отворен прозорец кон светот, кој не е замрзнат, туку анимиран од магијата на филмот“. Фестивалот е настан што претставува широк спектар на етнографски филмски теми и авторски пристапи во истражувањето на традиционалниот, но и модерниот начин на живот на човечките заедници, нудејќи различни сознанија, филмски форми и методологии на работа. Опфаќа завидна палета на теми од културната и социјалната антропологија од сите континенти со посебно внимание на нашата земја и земјите од регионот.

Фестивалот е вистински портрет на нашето општество

– Целта на фестивалот е да поттикне истражувачки и креативни пристапи во етнографските документарни филмови, да ја едуцира публиката за богатството и различноста на локалните културни традиции, како и да биде глас на совеста во однос на проблемите на современите општества предизвикани од непочитувањето на вредностите на културното наследство – се вели во најавата.
Фестивалот е наменет за пошироката публика, особено за младите и академската популација од областа на општествените и хуманистичките науки, студенти, експерти и уметници од различни профили. Исто така, се обидува да привлече членови на локалните заедници вклучени во зачувувањето на културното наследство што тие самите го наследуваат.
Фестивалот е вистински портрет на нашето општество, истражувајќи ги социјалните, културните, економските и еколошките прашања, со целиот опсег на емоции со кои се соочува нашиот сегашен свет. Од партнерството со Меѓународниот филмски фестивал од Нанси – Франција, доаѓа стручната помош во реализацијата на проектот. Овој фестивал во изминативе 30 години во својата официјална селекција има прикажано голем број македонски документарни и играни филмови со кои раководи брачната двојка Бландин и Тони Гламчевски.
ИЕФФ избира документарни филмови од антрополошки интерес што ги истражуваат човечките општества во нивната социјална и културна различност. Има ревијален карактер, ги охрабрува истражувачките и креаторски пристапи во етнографските филмови и има цел да ја запознае и да ја едуцира публиката за богатството и разновидноста на локалните културни традиции, но и од целиот свет, како и да го буди гласот на совеста за проблемите на современите општества предизвикани од недоволната грижа за културното наследство.

Главна цел е создавање нови филмови од оваа област

Главната цел е да поттикнува создавање нови филмови од оваа област со високи филмски квалитети, по примерот на македонските играни и документарни филмови, кои последниве години ги освојуваат филмските простори и љубители на филмот низ светот.
– Во Македонија се снимени и се снимаат документарни филмови, од нив малку се со етнографски карактер, најголемиот број од нив се направени за потребите на телевизиите, пред сѐ за домашните, и многу ретко ги наоѓаат патот и местото на меѓународната сцена. Истовремено македонскиот изворен фолклор, традиции и обичаи полека исчезнуваат, иако се негувани од ентузијасти, тие се забораваат или не сакајќи се менуваат со кореографии, кои ги оддалечуваат од оригиналноста. Со нивното врежување на филмската лента ќе останат неизбришлива трага за идните генерации – велат организаторите.
Фестивалот годинава ќе има завиден опфат на теми од културната и социјалната антропологија од сите континенти: Индонезија, Мадагаскар, Мароко, Непал, Бразил, Мексико, Сенегал, САД, Шпанија, Бугарија, Србија, Франција Португалија… Преку овие филмови се нудат средби со заедниците од сите страни на планетата на кои им се заеднички споделувањето и зачувувањето на нивните обичаи и култура.
Досега на двете платформи за пријавување на фестивалот: https://festivals.festhome.com/festival_dashboard и https://filmfreeway.com/InternationalEthnographicFilmFestivalIlindenDaysBitolaslashIIeFFIlindienskidienovi-Bitolaienski се имаат пријавено околу 2.000 филма (краткометражни и долгометражни), што сведочи дека фестивалот и Битола се најдоа на картата на светот на етнографскиот документарен филм. Пријавувањето на фестивалот е бесплатно.