Изминатиот викенд се одржа последниот завршен концерт од низата концерти на фестивалот за класична музика „Класичен меѓународен фестивал Струмица“ во градот под Царевите кули, во НУЦК „Антон Панов“. Во преполното фоаје со публика, со нетрпение се очекуваше почетокот на концертот, бидејќи за првпат гостуваше камерен оркестар и тоа беше редок настан за струмичката публика. На почетокот на настанот се обрати претседателот на здружението „Класичен меѓународен фестивал Струмица“, Влатко Митев, кој со свечен говор ги поздрави присутните гости на годинашниот циклус концерти на класична камерна музика.
Честа да настапи последен ја имаше истакнатиот камерен оркестар „Аморосо“ од Лесковац, Србија, кој опстојува со долгогодишна традиција повеќе од дваесет години, а познат е и по настапите надвор од границите на нивната земја. Меѓу многубројната публика на концертот беше и амбасадорката на Србија во Македонија, Невенка Јовановиќ, што претставуваше голема чест. Овој проект беше реализиран со поддршка на Амбасадата на Србија во Македонија. Членовите во составот на камерниот оркестар се докажани изведувачки, инструменталистки и педагози, кои се редовни членови на комплетниот состав на „Аморосо“.

На репертоарот имаше дела од сите епохи, почнувајќи од барок со Вивалди, концерт „Ала рустика“ за гудачки оркестар, кој е единствен од железниот репертоар на секој таков состав, потоа изведбата на Моцарт исто така блесна со својата брилијантност, леснотија и виртуозност преку Дивертименто во Еф-дур, а по докажаниот професионализам од овие комплексни дела, следуваа многу познати композиции. Следуваше познатата композиција од Ј. Брамс – Унгарски танц бр. 5, а потоа и комплексниот и мелодиско-ритмички разигран Барток – со Романски танци. Интересно дело за публиката беше „Suita Giocosa“, приспособено за камерен состав, кое прозвучи со елементи од световната музика, а сето тоа донесено со многу емоции на радост, љубов, страст, како преку разноликиот ритам така и преку бавните кантилени мелодии, убаво донесени од секој член на оркестарот.

Крајот на концертот беше резервиран за познатиот српски композитор Бабиќ – („Perpetum mobile“) и најголемо изненадување и чест „Аморосо“ ѝ направи на публиката со изведбата на „Дојрана“ од Трајко Прокопиев заедно со солистката Биљана Милковиќ (флејта). Тие со најголем ентузијазам во изведбата приредија многу пријатна енергија кај публиката. Сето тоа резултираше со громогласен аплауз и овации за на крајот да бидат вратени на бис. Со еден збор, годинашното трето издание на „Класичниот меѓународен фестивал Струмица“ се реализираше многу успешно на радост на посетителите, организаторите и на сите што учествуваа во организацијата на фестивалот.

Проф. Маја Витанова