Сузана Вуловиќ, уметница

  • Важно ми е да нагласам дека сликата не ја илустрира песната, ниту песната го објаснува делото, двете се начини на изразување искуство, стихот и сликата се во причинско-последична врска, се преплетуваат и преминуваат еден во друг, а сепак остануваат многу индивидуални, вели Сузана Вуловиќ

Сузана Вуловиќ е уметница и кураторка родена во Србија, чија интердисциплинарна пракса опфаќа слики и цртежи со голем формат, инсталации, визуелна поезија и перформанси. Како стипендистка на Чивнинг, таа ги завршува магистерските студии по ликовни уметности на лондонскиот универзитет „Метрополитен“. Изложувала низ Европа и Обединетото Кралство, а во текот на изминатата деценија имала 19 самостојни и десетици групни изложби. Нејзините неодамнешни проекти ги вклучуваат „Надвор од неизвесноста“ (Лондон, 2024) и „Триптих на мисли“ (Лондон, 2025). Нејзината работа ги истражува сеќавањето, идентитетот, миграцијата и транскултурната припадност преку импресивни формати.
Таа исто так, учествувала на голем број меѓународни резиденции. Покрај нејзината уметничка пракса, Вуловиќ работи како уметничка директорка и координаторка на проекти за биеналето „Арт војаџ“. Таа е основачка на организацијата „Либрија“, посветена на поттикнување транскултурен дијалог.
Вашите емоции ги изразувате преку различни медиуми – визуелни уметности, поезија, перформанс… Како одлучувате кој медиум најдобро ќе пренесе одредена емоција или идеја?
– Јас не го избирам медиумот рационално или однапред, навистина нема правила. Понекогаш поезијата е прва, како неопходност за ослободување на напнатоста во телото, а потоа сè се развива како домино-ефект. Сепак, емоциите и мисловните процеси што течат низ различни медиуми остануваат исти.
На пример, перформансот „Phthalo nebo palo nečujeno“ одржан во Лондон во 2024 година има ист наслов како песната создадена по многу живописен и симболичен сон. Во тој сон, се најдов сама на остров, тивка бура, ниско фтало сино небо. Седев на стол и се држев себеси како мало девојче во скутот, тешејќи го долго време. Тој сон ги отвори прашањата за припадноста, потеклото и идентитетот во постојана транзиција. Од него прво произлезе пишувањето, потоа серија цртежи и слики, и конечно сè кулминираше во перформанс во кој учествуваа прекрасни уметници со слични искуства, пренесувајќи ги сопствените емоции на мојата поезија преку претставата.
Кои внатрешни импулси често ве принудуваат да создавате одново и одново?
– Потребата да се разберат и канализираат промените во себе и околу мене. Понекогаш тоа е само импулс или зрак светлина што поминува низ призма и се разгранува во виножито.
Искуства, спомени или средби со луѓе, места, магијата на уметничко дело што ме движи. А понекогаш тоа се многу долги и тешки процеси на „лекување“ себеси преку одредена серија на дела.
Дали се случува прво да се роди поезијата, потоа сликите или обратно, дали едно нешто ви дава инспирација за друго и како го менувате форматот, ритамот, што го пренесувате од поезија на слики (или обратно)?
– Важно ми е да нагласам дека сликата не ја илустрира песната, ниту песната го објаснува делото, двете се начини на изразување искуство, стихот и сликата сега се во причинско-последична врска, се преплетуваат и преминуваат еден во друг, а сепак остануваат многу индивидуални. Како делови од полиптих, тие функционираат како различни впечатоци од едно искуство, кои понекогаш се повторуваат од едно дело до друго, па дури и во текот на целиот процес на истражување одредена серија на дела. Таа невидлива линија што ги поврзува, како ’рбет, истовремено ги одделува и обединува сегментите, секој дел може да стои независно, но само заедно градат единствена целина, барем за мене.
Вашите изложби често комбинираат визуелна уметност и читање поезија. Како го доживувате односот помеѓу овие два медиума?
– Визуелно, создава простор каде што зборовите можат да резонираат, да бидат слушнати и се чувствува поинаку, а поезијата им дава внатрешна резонанца на сликите. Таа комбинација создава поинтимен и подлабок контакт со публиката бидејќи ги запознава со процесот, а не само со резултатот. Тоа е начин да се покаже дека уметноста не е еднонасочна, туку повеќеслојна комуникација.
Бевте главна актерка во поетскиот филм инспириран од книгата „Додека спиеш“ на Биљана Стојановска. Какво искуство ви беше соработката со македонските поети, уметници..
– Поетскиот филм е визија и режија на нашата заедничка пријателка Валентина Бакти, нејзината креативност и уметност имаат голема длабочина, иако многумина ја препознаваат првенствено како поетеса, јас имав можност да ја доживеам убавината на нејзиното дело преку различни медиуми, како и експериментален поетски филм, а во таа пригода да ја запознаам и почувствувам поезијата на Биљана, која носи извонредна сила и сурова искреност.
Уметничките соработки секогаш претставуваат скапоцен простор, можност да се запознае нов дел од себе, но и од другите…
Во која насока моментално ја водите вашата уметничка интуиција? Дали подготвувате нов циклус, проект или претстава?
– Моментално работам на серија што започна во 2024 година, откако се преселив во Лондон, наречена „Надвор од неизвесноста“. Во овој циклус, истражувам фузија на различни медиуми, во кои се испреплетени визуелни, звучни и кинестетички елементи.
Дополнително, активно сум вклучена во реализацијата на проектот „Ехо на миграција“ како координаторка и уметничка директорка во рамките на организацијата „Арт војаџ биенале“. Проектот ќе кулминира на Лондонското биенале во 2027 година, што е нов и голем предизвик на мојот пат.