Младите учесници работат на изработка на фотоколажи од семејните фоторизници, во духот на културата и традицијата во Битола, по примерот на архивските семејни фотографии забележани од објективот на браќата Манаки и од други непознати автори
Уметноста на традицијата на
„Илинденски денови“ ја продолжуваат и децата
Детската ликовна работилница на годинашните „Илинденски денови“ се одржува под мотото „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво“. Таа во изминатите години се наметна како една од придружните манифестации на фестивалот. Младите учесници работат на изработка на фотоколажи од семејните фоторизници, во духот на културата и традицијата во Битола, по примерот на архивските семејни фотографии забележани од објективот на браќата Манаки и од други непознати автори од Битола.
Ателјеата се анимирани од ликовните уметници: Весна Дунимаглоска, Анкица Стеванофска, која ги воведува во техниката на изработка на мозаик од природни материјали, Јапонката Чие Нагашима и Кирил Петровски, кои работеа со оригами, етнологот Мери Стојанова, која одржа предавање за младите учесници на темата „Музејските предмети како материјален одраз на обредните практики“. На самиот почеток на детската ликовна работилница во Заводот и музеј – Битола беше промоцијата на боенката „Народната култура – трајна инспирација“. Младите учесници на работилницата имаа можност да присуствуваат и на проекцијата на Етнографскиот филмски фестивал, на кој меѓу другото се запознаа и со не многу лесниот живот на нивните врсници на другата страна на планетата.
Во рамките на фестивалот, под пелистерското ѕвездено небо, членовите на КУД „Илинден“, пак, ја маѓепсаа публиката со својот целовечерен концерт, на кој го презентираа музичко-сценскиот проект „На панаѓир – ора и песни од јужномакедонската етнографска целина – јужно игроорно подрачје“. Нивниот настап е во рамките на претфестивалската програма. „На панаѓир“ e енергична прослава на богатото културно наследство на јужна Македонија. Игроорците, во автентична традиционална облека, ја оживеаја традицијата од јужниот регион. Мелодиите на традиционалните инструменти одекнуваа низ ноќта, плетејќи магична атмосфера. Публиката беше пренесена за миг во минатото, каде што суштината на фолклорот во регионот беше начин на живот. Настапот предизвика аплаузи и овации, а и заедничко чувство на гордост за културното наследство на Македонија. Оваа извонредна вечер беше доказ за трајната моќ на народните традиции да обединуваат и да инспирираат.
Фестивалската сцена беше отворена и за учесниците на „Етнокампот Македонија“, кои настапија со концерт на интернационална вокално-инструментална музика насловен „Запознајте го светот преку традиционалната музика“, во организација на Музичката младина на Македонија. Нивниот настап беше придружен со бурни аплаузи, кога младите се простија со публиката со неизбежната „Ако одам во Битола“.
Денеска битолската публика и гостите од странство ќе бидат почестени и со целовечерниот концерт на ансамблот за народни песни игри и песни „Танец“ – Скопје, насловен „Танец низ татковината“. Настапот на најреномираниот македонски фолклорен ансамбл е во рамките на јубилејната концертна сезона „Танец – 75 години македонски код“.
Тони Гламчевски