Под ѕвездено небо, со внимателно курирана програма, во мелодична атмосфера заврши уште едно супериздание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“

Хрватско-италијанско-словенечката копродукција, односно филмот на режисерот Игор Бежиновиќ, на последниот ден од филмскиот фестивал „Македокс“ ја врати публиката во 1919 година, кога италијанскиот националистички поет, проповедник на војната, Габриеле Д’Анунцио го окупирал градот Фиуме.
Денес, граѓаните на Фиуме, сега наречен Риека, ја прераскажуваат и реинтерпретираат бизарната приказна за 16-месечната окупација на нивниот град во брутално фактичко, но сепак предизвикувачко панк-кинематографско патешествие.
„Фиуме или смрт“ е филм за поезија, динамит, митралези, мебел што лета низ прозорци, концерти, забави, затвори, илјадници војници што знаат да скокаат, да се борат, да позираат, бескрајни говори и за моќта на политичката перформативност. Д’Анунцио може да се смета за нејзин пионер, најавувајќи некои од најголемите мајстори на ужасно политичко шоуменство на нашето време.
Филмот на Игор Бежиновиќ е духовит, снаодлив хибриден документарец што ги поканува граѓаните на хрватскиот град Риека да го преиспитаат неговото заземање во 1919 година од страна на италијанскиот националистички поет Габриеле Д’Анунцио.
Смешната ароганција на овој потфат е откриена во филмот на Бежиновиќ, кој ангажира над 300 жители на денешна Риека да го драматизираат краткото владеење на теророт на Д’Анунцио.
Историските реконструкции на филмот се постигнати со аматерски актери и наратори, костими соодветни на периодот и не многу други ресурси. Снимајќи на локации во релевантните места во Риека, сцените се поставени и кореографирани прецизно, користејќи огромна архива од 10.000 фотографии што потенцијалниот лидер Д’Анунцио ги направил за да го документира својот потенцијален триумф.
Под ѕвездено небо, со внимателно курирана програма, во мелодична атмосфера заврши уште едно супериздание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Фестивалот и оваа година донесе уникатна атмосфера, внимателно одбрана програма на документарци, инспиративни разговори, режисери, докуникулци и многубројна публика, која со ентузијазам ги исполни „Куршумли-ан“, „Сули-ан“, Музејот на Македонија, МКЦ и „Лабораториум“. „Македокс“ уште еднаш покажа дека документарниот филм живее, дише и обединува – под отворено небо, со срце и страст, овој пат под мотото „Кому му е гајле за реалноста?“.
Традиционално на „Македокс“ се доделуваат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваа 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет. Објавата и доделувањето на наградите се одржаа на последниот фестивалски ден во „Куршумли-ан“.

Комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм во состав Марк Едвардс, Џејмс Берклаз-Луис и Маргарита Арсова едногласно одлучи наградата да ја добие „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ за „прецизноста на избраната дистанца, измерена со извонредна грациозност; за откривањето на една невидена страна на македонското општество; за прекрасната кинематографија што се движи со тивка и маѓепсувачка намера; и за изненадувачката перспектива за родовата еднаквост во една рурална заедница“.
Станува збор за македонско-српска копродукција, а наградата ја прими продуцентката Ивана Шекуткоска, која им се заблагодари на жирито и на публиката што го проследи ова филмско остварување. Претходно, Маргарита Арсова, член на жирито, истакна дека преполните локации каде што се прикажуваа филмовите покажаа дека на публиката на „Македокс“ навистина ѝ е гајле за реалноста, потврдувајќи го мотото на фестивалот.
За наградата „Млад кромид“ одлучуваше жирито во состав Вардан Тозија, Трулс Лие и Мара Прохаска Марковиќ и му ја додели на филмот „Фиуме или смрт!“ на Игор Бежиновиќ од Хрватска.
– „Македокс“ е фестивал посветен на креативноста во документарниот филм. Чествуваме едно дело што го отелотворува тој дух – филм што се осмелува да си игра, да провоцира, да се смее во лицето на темнината. Преку хумор и забава, тој се соочува со застрашувачкото враќање на фашизмот, разобличувајќи го токсичното кредо: „Ако не си со нас, тоа значи дека си против нас“. Авторот вдахнува живот во старите фотографии со современи алатки, како што е вештачката интелигенција, оживувајќи сеќавања и емоции од минатото. Ликовите и нараторите се менуваат на разигран начин, локалната заедница учествува со автентичност, а целата приказна се развива низ призмата на сатирата. Филмот е инвентивен, смел и жив – образложи жирито.
Жирито за наградата „Млад кромид“ додели и посебно признание за „Ниедна друга земја“ на Басел Адра, Хамдан Балал, Јувал Абрахам, Рејчел Зар со образложение:
„Жирито ја објавува оваа посебна награда со тешко срце и длабока почит. Ова не е само филм за еден од најголемите злостори на нашето време – тој е и сведоштво за храброст. Да се уловат тие слики додека се пука, да се исцртаат нежни портрети на пријателство среде насилство, да се продолжи со снимање дури и кога молкот е побезбеден… ова е документаризмот во неговата најсуштинска форма. Ова е приказна за истрајноста, за човечките врски што одбиваат да бидат раскинати и за храброста што се спротивставува на силите на угнетувањето додека светот го врти погледот – додека се одвива геноцид врз палестинскиот народ“.

За наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм одлучуваше жирито во состав Памела Кон, Игор Прасел и Габриела Даниелс, а наградата ја доби „Машина за шиење“ на Уло Пиков со образложение: „Чудо од кратка форма, овој 17-минутен филм целосно нѐ пренесе во приказна што оддава искрена почит кон сите прабаби, самохрани мајки и работнички жени, кои минувале низ тешкотии преку мноштво превирања и куп трагедии – и успеале да одгледаат нови генерации, живеејќи со својата досетливост, интелигенција и чиста решителност да преживеат низ двете светски војни. Филмот зборува на повеќе филмски јазици, водејќи и прикажувајќи широка палета на уметност и занает, со висок степен на мајсторство во раскажувањето, споделувајќи со нас едно епско патување раскажано во ритам што е древен и вечен“.
Почесно признание во селекцијата „Сечкан кромид“ на кратки филмови доби „Во свој филм“ на Инес Јокош, кој прикажува што најдобро може да произлезе од филмската соработка меѓу режисерот и протагонистот.
– Преку кореографијата на нивните објективи, тие заеднички создаваат портрет што умешно му покажува на гледачот дека светот не е составен само од светлина и сенка. Овој полн со љубов, духовит и трогателен филм великодушно нѐ поканува да се вплеткаме во секојдневниот живот на едно цврсто поврзано семејство – играјќи, чудејќи се, замислувајќи како нивните живописни внатрешни пејзажи не само што го прават светот околу нив поподнослив туку исполнет со радост, љубов и смеа, како интерпретација низ чувството на неограничена внатрешна визија – образложи жирито.
Комисијата во состав Дина Покрајац, Танос Ставропулос и Неда Миланова одлучуваше за наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм, а наградата ја доби „Исповед“ на Ребека Бижубова.
– Користењето на филмот како алатка за соочување со најголемите стравови е огромен предизвик, но кога му се пристапува директно може да биде ослободувачко и да ве охрабри. Со комбинирање јасна визија и одлична умешност во користењето на филмскиот јазик, особено звукот и интимната поставеност на камерата, авторката создава фасцинантна приказна што силно одекнува кај гледачите и претвора едно лично трауматично искуство во колективно – стои во образложението за наградата.
За Наградата за најдобри етички идеи одлучуваше комисијата во состав Морин Принс, Мира Гаќина и Капка Касабова, а наградата ја доби „Ниедна друга земја“ на Басел Адра, Хамдан Балал, Јувал Абрахам и Рејчел Зар.

– Овој филм го отелотворува духот на моралното филмско творештво во услови лишени од морал. Тоа е најитниот филм, зашто со телесна сила покажува дека борбата на палестинскиот народ против тоа да биде истребен е борбата на човештвото за својата душа. „Ниедна друга земја“ нѐ вовлекува уште од првите кадри и не нѐ пушта. На крајот, се чувствуваме како дел од животите на семејствата и растојанието меѓу гледачите и протагонистите исчезнува – образложи жирито.
Авторка на статуетките што им беа врачени на наградените автори е Јасмина Главинче.
Седмото издание на форумот „МакеКоПроДокс“ се одржа од 25 август до 27 август 2025 година во МКЦ, обединувајќи филмски автори, продуценти и експерти од Балканот и Европа, со цел зајакнување на соработката во областа на креативната документаристика. На форумот беа презентирани девет проекти во развој, кои беа претставени пред професионалци од областа на креативната документаристика, а беа доделени пет награди.