Македонскиот писател со меѓународно реноме и претседател на меѓународниот универзитет „Еуропа Прима“, Јордан Плевнеш, имаше уметнички портрет за неговото творештво на фестивалот „Кирилица“ во Будва, каде што се презентираат врвни автори од балканскиот и европскиот простор. Ретроспектива на неговото творештво беше прикажана низ видеоснимки од различни изведби на неговите драми во светот, а беседа пред многубројната публика за значењето на Плевнеш во светски рамки одржа режисерот Горан Бјелановиќ.

Уметничката и академска турнеја на Плевнеш продолжи со три предавања во организација на народната библиотека „Радослав Љумовиќ“ од Подгорица, за презентацијата на Македонија и балканските култури низ европските метрополи, како и за интеракциите во културниот и образовниот простор меѓу земјите кандидати за членки на Европската Унија.

Предавањата беа одржани во духот на мислата „Балканот е срцето на Европа“ од швајцарскиот писател Никола Бувие и беа проследени од голем број културни работници и студенти на црногорските универзитети, низ живи дебати што предизвикаа голем интерес и во црногорските медиуми.

На предавањата во кои делото на Плевнеш беше претставено од директорката на библиотеката Славица Иличиќ присуствуваше и македонскиот амбасадор во Црна Гора, Зекир Рамчиловиќ.