Млади таленти: Давид Павиќ, пијанист
Меѓународната размена е многу важна за младите уметници, бидејќи е клучна за натамошниот успех и не завршува само со знаење и искуство, туку и со бројни пријателства кои траат, вели Давид Павиќ
Давид Павиќ е млад пијанист, студент на Музичката академија во Скопје, кој имал храброста да зачекори во светот на уметноста и духовноста, во светот на нотите, одбирајќи го овој пат за свое професионално усовршување. Препоставените за него велат дека е голем талент и му предвидуваат блескава меѓународна кариера. Давид зад себе има многу солистички концерти, а настапувал и како корепетитор на познати солисти-инструменталисти. Последниот концерт во Сакопје го одржа на 19 октомври во „Даутпашиниот амам“, а следниот е во Струмица на 19 ноември.
Кој беше мотивот да одлучите професионало да се занимавате со музика и колку е важна поддршката на вака избраниот пат?
– Сè започнува со љубовта кон инструментот, која ми се вроди на седум годишна возраст. Мојот постар брат одеше на часови по виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луj“. Во кабинетите каде се одржува настава, имав прилика и чест да му пријдам на инструментот и така се одлучив тоа да биде мојот животен пат. Мотивот и храброста за да се посветам на музиката дојде од мојата љубов кон инструментот, но и од желбата за интерпретација која би допрела до луѓето. Музиката за мене е еден вид на духовна поврзаност со себе , композиторот и публиката , истовремено изразување на емоции кои тешко се опишуваат со зборови. Поддршката од семејството, но и од професорите , колегите и публиката е исклучително важна за продолжување кон овој пат. Таа е потик за истрајност и надминување на сите предизвици, кои се неизбежни во музичката кариера но најважна е сопствената упорност и посветеност.
Вие не само што вложувате особен труд во вежбањето, туку се трудите на најдбар начин тоа да и го претставите на публиката. Кои се вашите најдраги и најважни настапи досега?
– Морам да кажам дека секој насатап е подеднакво исклучително важен и мора сопствената интерпретација да го задржи нивото. Но, кога би издвоил тоа би биле моите солистички точки во малата сала на Филхармонијата, во средно училиште, на пролетните концерти и новогодишните концерти во Музеј на македонската борба во организација на ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, рецитал во Театро Марчело во Рим , во организација на Полихимнија, каде настапив како солист , дел од трио и како пијано соработник. Освен солистичките настапи се пронаоѓам и во камерното музицирање и правам обид во аранжирње и оркестрација на познати дела, меѓутоа се обидувам и во сопствени композиции. Освен солистички настапи ,посебно ми се драги соработките и музицирањето со моите сакани и драги колеги. Го издвојувам настапот во Будимпешта колегите Филип Велковски, Јана Јовиќ и Магдалена Дрмач, како еден од моите најомилени настапи како квартет, бидејќи нашето пријателство го прикажавме преку музиката и публиката го забележа тоа.
На настапите исполнувате и дела на македонските композитори Имери, Завков и други. Дали сметате дека домашните автори се доволно вклучени во концертните програми на македонските инстументалисти?
– Желбата кај моите врсници, колеги пијанисти, можам да кажам дека за жал е многу мала, но пополека почнува да се јавува одредена заинтересираност за домашните автори. Интересно е да се спомне за мојот настап во Рим каде нотите од Ревиско оро oд Милан Завков ги побарав од проф. Дино Имери . Тоа се случи пет дена пред да летам за Рим. Имав многу голема желба да го научам орото и да го изведам пред странската публика. За нив тоа беше изненадување и беше многу позитивно прифатено. Продолжив да го изведувам делото и во Белград , Нашице, Вараждин и Будимпешта. Јас ќе продолжам да го изведувам ова и уште многу други дела од нашите автори.
Која е вашата омилена македонска композиција и кој ви е омилен македонски композитор?
– Омилена македонска композиција ми е „Рапсодија за Скопје“ од Александар Џамбазов.Кога би требало да издвојам омилен македонски композитор, не би можел да издвојам. Меѓу омилените би ги спомнал Драган Шуплевски, Ристо Аврамовски , Томислав Зографски и Панде Шахов.
Кого би го издвоиле меѓу светските композитори?
– Мојот омилен композитор е Рахмањинов а омилено дело ми е неговата Втора симфонија, посебно третиот став. Неуспехот на Првата симфонија го турнала Рахмањинов во депресија со тоа што неколку години не компонирал. Ова дело е значително важно бидејќи тој се издигнал над депресијата и емоционалната криза, најпрво со компонирање на вториот клавирски концерт, а потоа и со оваа симфонија.Втората симфонија не само што ни ја прикажува неговата емоционална зрелост, таа ни го прикажува и неговото закрепнување како човек и уметник.
Добитник сте на повеќе награди, а сте посетиле и повеќе мастер класови во земјава и во странство, а сте имале и бројн и настапи надвор од земјата. Според вас, колку е важна меѓународната културна размена, особено за малдите уметници?
– Навастина ми е драго да кажам дека сум имал можност да посетувам мастеркласови кај прекрасни професори, како Александар Седрар, Туту Ајдиноглу, Давиде Месачи , Марко Албрицио, Милица Шкариќ , а исто така сум имал и прекрасни искуства во меѓународни проекти. Еве ,би го издвоил нашиот престој во Рим преку „Полихимнија“ , како едно прекрасно искуство кое ми овозможи да имам мастеркласови по пијано со еминентни професори и исто така да учествувам во тие мастеркласови, како пијано соработник. Мојот престој во Вараждин во рамките на проект помеѓу училиштата ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј “ и Музичкото училиште во Вараждин, ни овозможи една исклучително важна размена на искуства и знаење и работа со прекрасни професори. Меѓународната размена е многу важна за младите уметници, бидејќи е клучна за натамошниот успех и не завршува само со знаење и искуство, туку и со бројни пријателства кои траат.
На почетокот сте на музичката кариера, се уште студирате. Што на вас и на вашите колеги од Музичката акадмеија во Скопје ви е неопходно за непречено и успешно да се развива вашиот музички талент?
– Во Македонија би кажал општо дека недостасува една подобра промоција на класичната музика. Кога би се промовирала повеќе низ образовните институции, по автоматизам би привлекле побројна публика, која би била и сегашна и идна. Развојот на секој музички талент се состои од работа и вежбање, но успехот доаѓа само со израз на својата индивидуалност како уметник и човек. За мене, тоа е и клучниот момент. Секој може да се посвети, да го совлада материјалот и меморизира даденото дело, но умешноста е во тоа, да им се даде живот на нотите.
Каква музика слушате за своја душа?
– Кога не вежбам и не настапувам, сакам да се одморам и најмногу слушам џез , посебно Бил Еванс кој ми е омилен поради стилот и индивидуалноста која ја поседува. Неговата емоционална длабочина , хармонија и софистицираност го прават уникатен и безвременски. Освен Бил Еванс го слушам и Оскар Питерсон, Паул Десмонд и многу други. Слушам музика што говори и раскажува.